Ковачевски – Милатовиќ: Северна Македонија и Црна Гора се пример за добрососедска соработка и придонесуваат во европската стабилност
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со новоизбраниот претседател на Република Црна Гора, Јаков Милатовиќ.
Премиерот Ковачевски го честиташе претседателскиот мандат на Милатовиќ како и неодамнешното успешно заокружување на парламентарните избори во Црна Гора, со изразена верба дека ќе продолжат одличните односи меѓу Северна Македонија и Црна Гора и со идната црногорска влада, како на билатерален план, така и во регионални рамки и на европскиот пат.
Заеднички е констатирано дека двете земји имаат блиска пријателска соработка, без отворени прашања и се пример за добрососедски односи во регионот.
Во таа насока, Ковачевски и Милатовиќ ја истакнаа заедничката определба за придонес во регионалната и европската стабилност и во развојот на Западен Балкан како дел од Европската Унија.
Премиерот Ковачевски ја оцени како значајна соработката со Црна Гора, во рамки на партнерството во НАТО и како држава којашто веќе ги отвори сите поглавја во преговарачкиот процес со ЕУ.
„Владата на Република Северна Македонија и јас како Премиер, со силен фокус работиме на натамошниот напредок на нашата држава на европскиот пат. Во таа насока се и нашите засилени активности во моментов за политичко обединување и донесување на потребните одлуки во Собранието. Северна Македонија отсекогаш била пример за успешна мултиетничка демократија и општество за сите граѓани кои имаат еднакви права и одговорности пред Уставот и законите. Со внесувањето и на други етнички заедници во нашиот Устав, меѓу кои и припадниците на црногорската заедница во Северна Македонија, докажуваме дека сме Европа во мало и држава која доследно ги почитува европските вредности, поради што веќе заслужи да биде дел од Европа“, рече премиерот Ковачевски.
На средбата се споделени искуства за текот на евроинтеграцискиот процес и се изразени определби за уште поактивна билатерална и регионална соработка.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа