Костадиновски за МИА: Должни сме да ги отстраниме дилемите со Законот за јазици и „Балансерот“
Со Законот за јазиците политиката создаде своевиден правен хаос, кој резултираше со политички хаос, недоверба, дилеми. Јавноста веќе го виде и извештајот на Венецијанската комисија. Уставниот суд е на потег не за мудра, туку да донесе уставно-правно втемелена и аргументирана одлука. Што би можело да се одлучи, незнам и неможам да знам и нема да коментирам, вели во интервју за МИА претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски.
Предметот за Законот за јазиците е составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии, здруженија, а е оформен од 2019 година.
Свесни сме, како што вели, за јавниот интерес и за можните последици доколку Судот одлучи да го укине или да го остави во примена овој Закон или да интервенира во одредени одредби, можно е да има незадоволни.
- Она што е важно е да се видат објективно аргументите во одлуката каква и да е пред да се дава каков било коментар. Одлуката на Судот треба да биде почитувана и прифатена како израз на зрелост на политиката и на општеството, одлуката да биде ориентир рамка за делување на законодавецот, нагласува Костадиновски.
Факт е, како што вели, дека Законот се применува и дека создава проблеми во примената и од тој аспект од 1 септември со стапувањето во сила на новиот Акт на Судот, со цел да не настапат штетни последици за граѓаните, Уставниот суд има можност со евентуална одлука за поведување постапка да одреди временски рок во кој законодавецот треба да се усогласи и да ги отстрани евентуалните уставно преблематични одреби во рок не подолг од шест месеци. - Јас неможам да предвидам дали до тоа ќе дојде!, додава Костадиновски.
На прашањето дали ќе успее Судот мудро да избалансира без да ги наруши политичко-етничките односи во државата како и можните безбедносни предизвици, Костадиновски појаснува дека Уставниот суд го носи најголемиот товар да одлучи-пресече за какво било деликатно прашање но, како што вели, затоа и постои Судот.
Тој нагласува дека како еден од судиите со најдолг стаж во актуелниот состав сведочел за повеќе вакви ситуации.
-Но, искуството ми укажа на две важни работи, кои се важни и за мојот мандат како претседател. Прво прашање е: дали одлагањето на одлуката по одредено прашање во име на сензибилноста и можните општествени реакции и импликации е оправдана и дали ја постигнала својата цел? Не, сензибилноста по такви прашања не се лимитирани со временска рамка, сензибилноста не се намалува со протекот на време, тие биле и се уште се сензибилни предмети и пред четири години исто и денес, и од тој аспект подобро и поздраво е Судот промптно без калкулации да одлучува, исклучиво со уставно-правни аргументи и затоа како пртетседател со ова искуство ќе се залагам за што е можно побрзо одлучување за предметите без разлика на степенот на нивната сензибилност, потенцира претседателот на Уставниот суд.
Според него, второ исклучиво релевантно прашање и за Судот и за овие важни предмети за кои зборуваме, но и за правната држава е: Дали како општество сме подготвени и зрели да се соочиме и со одлуки на Судот, кои секако се од висок јавен интерес.
-Треба да бидеме искрени и сами да си го поставиме прашањето дали сме стабилна демократија, дали е неопходно и нужно да го направиме исчекорот и преминот во зрела демократија? Мојот став е јасен. Мојот став е дека е нужно, дека е крајно време да го направиме тој исчекор кон зрела демократија, потенцира Костадиновски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа