Кордалов во Тема на денот: Ако искрено и отворено комуницираме на тема ЕУ, може да очекуваме носење на зрели одлуки за иднината на земјата

 

Според мене клучно или најважно е кога зборуваме на тема ЕУ особено од страна на  македонските институции, да потенцираме дека реформите во здравството, образованието,  екологијата итн. ги правиме заради нас дома, во Македонија, а не првенствено заради членството  во Европската Унија. Бидејќи нас очајно ни треба здравство кое нема да биде обременето со  скандали како овој последниот, а не заради Париз. Ние секојдневно мака мачиме со јавниот  превоз и со немањето доволно линии и превозни средства. Не е метрото проблем на Виена или  Стокхолм, истакна на гостувањето во „Тема на денот“ на ТВ Сител комуникологот Бојан Кордалов.

„За време на работниот престој во Брисел, меѓу другите, имав состанок и со уредник на влијателен  ЕУ подкаст со кој долго разговаравме за актуелната политичка состојба и можности за промоција и  презентација на земјата. На крајот тој вели како да добива чувство дека перспективи има,  можности се отвораат, но како да не се користат доволно. И ако мене ме прашате, токму тоа е  чувството на безизлез во кое сме втурнати како граѓани, а тоа конечно мора и да се искомуницира  и да почне да се решава. Во прв ред политичарите и институтциите кои крајно е време да почнат  да ги храбрат и поддржуваат граѓаните, наместо само да се грижат како да направат раздор и да  го оцрнат политичкиот противник. Потребно е да сфатиме дека реформите на патот кон  членството во ЕУ ги прави секој кај себе и на крај сите заради нашата иднина, иднината на нашите  деца и внуци. Бидејќи ако тие бираат и масовно се иселуваат во земјите од Унијата, немаме друг  избор, а пораката која нашите деца ни ја праќаат е повеќе од јасна“, потенцира комуникологот  Бојан Кордалов.

Според него, секоја кампања која ја промовира македонската ЕУ и НАТО иднина е за  поздравување, а секој јавен настап на таа тема е повеќе од потребен.

„Но, ставањето во гол политички контекст, ставањето дека процесот припаѓа само на една влада  или партија неповратно ќе не подели во општеството. Ние сме високо политизирани како држава и тоа треба да го имаме на ум. Кај нас ако едната партија каже белата боја од денес ќе биде  заштитна, другата партија ќе каже, не, црната мора да биде. И граѓаните ќе се поделат неповратно  и тоа како и досега ќе остава децениски последици и проблеми. Видливи кавги и проблеми на  многу собири, прослави итн. каде поради ваквото однесување на политичарите има семејства кои се генерации не разговараат едни со други. И се поставува едно реторичко прашање, што се  случува после секоја ваква партиска длабока поделба во општеството? Лидерите седнуваат, се  договараат и продолжуваат со следна кавга или интерес, а граѓаните се оставени да живеат со  последиците од тие партиски поделби“, истакна комуниколог од ИДУЕП за време на гостувањето  во „Тема на денот“ на ТВ Сител.

Посакувам конечно да видам 3 политичари како во текот на денот имаат различни прес  конференции за тоа како треба да се надмине економската криза или како да се настапува во  Собранието, ама вечерта да ги видиме сите како седат заедно и се едногласни за фактите околу  ЕУ. Тоа значи јавно и со факти да зборуваат кои се придобивките, а кои се обврските кои  произлегуваат од таквото членство, па да граѓаните информирано и со изграден граѓански  национален консензус одлучат како и на кој начин сакаат да продолжиме понатаму како земја, заклучува Кордалов.

18.09.2023 - 11:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега