Комеморативна седница за Стојан Андов утре во Собрание

 

Во Собранието утре со почеток во 13 часот ќе се одржи комеморативна седница во чест на Стојан Андов, првиот претседател на републичкото Собрание по осамостојувањето на државата. Андов почина на 89 годишна возраст.

Претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши упати длабоко сочувство до семејството, колегите, пријателите и соработниците на Андов.

-Стојан Андов засекогаш ќе остане запаметен како прв претседател на плуралистичкото Собрание, кој со право се смета за основоположник на новата парламентарна традиција кај нас. Нека е вечен неговиот спомен, истакнува Гаши.

Стојан Андов е роден во 1935 година во Кавадарци, Република Македонија. Дипломирал на Економскиот факултет во Скопје, а магистрирал на Белградскиот универзитет.

Бил потпретседател на Републичкиот извршен совет, член на македонската делегација во Соборот на републиките и покраините и член на федералната влада во три мандати, каде се забележува неговата улога на преговарач во контактите на поранешна Југославија со експертите на ЕЕЗ (1971-1987).

Бил амбасадор на поранешна Југославија во Ирак (1987-1991 година).

Основач е на Либералната партија на Македонија и како нејзин претседател ја водеше Либералната партија до спојувањето со поранешната ДП 1997 година, кога стана претседател на Советот на новоформираниот политички субјект. По обновувањето на Либералната партија на Македонија, беше избран за член на нејзиниот Извршен комитет.

Избиран е за потпретседател на Либералната интернационала.

На првите повеќепартиски избори 1990 година, беше избран за пратеник во Собранието на Република Македонија и стана претседател на Собранието во јануари 1991 година.

На вторите повеќепартиски избори 1994 година, повторно беше избран за пратеник во Собранието на Република Македонија и за претседател на Собранието – должност што ја извршуваше до март 1996 година.

Беше избран за пратеник во Собранието на Република Македонија и на изборите во 1998 година.

Беше кандидат за претседател на Република Македонија на претседателските избори 1999 година.

На 30 ноември 2000 година повторно беше избран за претседател на Собранието на Република Македонија, функција што ја извршуваше до октомври 2002.

18.06.2024 - 22:11

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега