Кои се сојузниците, а кои противниците на Јемен и колку е потресен регионот по нападот

 

По нападот на Јемен, предводен од Соединетите Американски Држави, со помош на Австралија, Бахреин, Канада, Холандија и Велика Британија, Хутите изјавија дека избубнала „голема битка во Црвеното Море“ и дека битката „ќе биде поголемa отколку што очекуваа Британците и Американците“.

Република Јемен е земја во Југозападна Азија, со брегови на Црвеното Море, Аденскиот Залив и Арапското Море. Станува збор за земја со речиси 30 милиони жители, пишува Институтот за блискоисточна политика од Вашингтон.

Кој го осуди нападот?

Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека вечерашниот напад е обид да се „прошири целосната поддршка на САД и Велика Британија во последните 100 дена за воените злосторства на ционистичкиот режим врз палестинскиот народ и опколените граѓани на Газа“. Исто така, Иран утринава нападот го нарече јасно кршење на суверенитетот и меѓународното право. Ирак го обвини Западот за ширење на конфликтот и зголемување на тензиите.

Либанската милитантна група Хезболах соопшти дека американската агресија уште еднаш потврдува „дека САД се целосен партнер во трагедиите и масакрите извршени од ционистичкиот непријател во Газа и регионот“.

Слична порака испрати и палестинскиот исламски џихад, во кој се наведува дека оваа „агресија потврдува дека американската администрација води геноцидна војна против палестинскиот народ во Газа“.

Русија побара свикување на Советот за безбедност на ОН поради воздушните напади на територијата на Јемен, објави постојаната мисија на Русија во ОН на својот канал на „Телеграм“.

Кои се сојузници и непријатели?

Иран ги поддржува Хутите во нивното долгогодишно непријателство со Саудиска Арабија. Анализата објавена од Советот за надворешни односи вели дека Јемен доживува една од најтешките хуманитарни кризи во светот поради осумгодишниот конфликт меѓу меѓународно признатата влада, поддржана од воената коалиција предводена од Саудиска Арабија, и бунтовниците Хути, поддржани од Иран.

Главни противници на Хутите се сметаат Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, кои ги нарекуваат слуги на САД и Израел.

Од друга страна, во 2015 година Саудиска Арабија состави коалиција од арапски држави со сунитско мнозинство: Бахреин, Египет, Јордан, Кувајт, Мароко, Катар, Судан и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ). До 2018 година коалицијата се прошири за да ги вклучи силите од Еритреја и Пакистан.

Тие претходно извршија воздушни напади врз јеменските бунтовници.

САД ја поддржаа коалицијата предводена од Саудиска Арабија, како и Франција, Германија и Обединетото Кралство. „Скај њуз“ наведува дека во оваа коалиција на поддршка се и Данска и Јужна Кореја.

Коалицијата објави заедничка изјава, во која се наведува дека овие напади се одговор на „нелегалните, опасни и дестабилизирачки Хути, кои напаѓаат бродови“.

Некои американски сојузници на Блискиот Исток, вклучително и земјите од Персискиот Залив, Катар и Оман, изразија загриженост дека најновите напади против Хутите би можеле да излезат од контрола и да го вовлечат регионот во поширока војна, пишува „Њујорк тајмс“.

Како што пишува Атлантскиот совет, нападите што се случија во петокот ќе предизвикаат регионални реперкусии и ќе го зголемат ризикот од регионална ескалација, а тешко дека ќе ја запрат агресијата на Хутите во Црвеното Море.

12.01.2024 - 13:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега