Клучна цел на воените дејства на Русија е да се спречи членството на Украина во НАТО
Спречувањето на Украина да стане членка на НАТО останува една од целите на специјалната воена операција на Русија во Украина, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесува ТАСС.
„Се разбира, бидејќи, во спротивно, ова ќе претставува сериозна, значителна закана за безбедноста на нашата земја“, рече Песков.
Коментирајќи ја посетата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на Киев, Песков рече дека Кремљ нема проценки за перспективите за пристапување на Украина во алијансата.
Претходно во четвртокот, прес-службата на НАТО информираше дека Столтенберг е во посета на Украина.
Според дипломатски извори во Брисел, посетата на Столтенберг на Киев е последниот елемент во подготовките за утрешниот состанок на Контакт-групата за Украина во германската воздухопловна база „Рамштајн“ на кој ќе се разговара за мерките за воена поддршка за Украина пред очекуваната контраофанзива на украинската армија.
На средбата со украинскиот претседател Зеленски во текот на посетата, Столтенберг истакна дека на самитот на НАТО во Вилнус на 11-12 јули ќе се разговара за безбедносните гаранции за Украина.
„Зеленски ќе го постави прашањето за членството и за безбедносните гаранции во текот на самитот во Вилнус и тоа прашање ќе биде високо на агендата на состанокот“, рече Столтенберг.
Тој посочи дека главниот фокус на НАТО мора да биде да ѝ се обезбеди победа на Украина бидејќи тоа е единствениот начин за значајна дискусија за потенцијалното членство на Украина во НАТО.
Столтенберг додаде дека, во меѓувреме, вратите на НАТО остануваат отворени за Украина и вети дека зголемувањето на воената помош за Украина ќе остане главно прашање за НАТО секој ден пред самитот во Вилнус.
Зеленски, од друга страна, истакнал дека на Украина ѝ е потребен попроширен формат за водење на односите со НАТО од оние што ги има во моментов.
„Ни треба нешто повеќе од сегашниот формат за нашите односи. Го цениме фактот дека земјите од НАТО не поддржуваат со оружје, но сакаме да знаеме кога Украина ќе влезе во НАТО“, рече Зеленски на заедничкиот брифинг со Столтеберг.
Зеленски, исто така, смета дека во моментов не постои ниту една објективна пречка што би го блокирала носењето политичка одлука за формална покана на Украина за членство во НАТО.
„Време е лидерите да ги дефинираат изгледите за пристапување на Украина во НАТО, да ја утврдат процедурата за напредокот на Украина кон оваа цел и да дефинираат какви безбедносни гаранции би добила нашата земја за време на ова напредување, односно во периодот пред обезбедувањето членство“, додаде украинскиот претседател.
Зеленски и Столтенберг исто така разговарале за одлуките што Киев очекува да се донесат на утрешниот состанок на министрите за одбрана во Рамштајн.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа