Ќе се испитува неспроведувањето на Сашо Мијалков од затворот Струга за Титаник 2

 

Неспроведувањето на обвинетиот Сашо Мијалков од Затворот Струга на вчерашното рочиште за „Титаник 2“ во Основниот кривичен суд Скопје ќе го испитува Управата за извршување на санкции. 

Управата за извршување на санкции вчера најави дека ќе ги преземе сите активности што се во нејзина надлежност и ќе направи вонреден надзор со цел да се утврди фактичката состојба поради која обвинетиот Сашо Мијалков не е спроведен од затворот Струга на судење за случајот „Титаник 2“.

– Ќе се утврдува одговорност и ќе бидат санкционирани сите кои направиле пропусти, намерни или ненамерни. За извршениот вонреден надзор, јавноста ќе биде дополнително информирана, се наведува во соопштението од Управата за извршување на санкции.Директорот на затворот во Струга, Ваљон Ќуља, во одговор на МИА, вели дека станува збор за техничка грешка во датумите од страна на Кривичниот суд во Скопје.

– Станува збор за техничка грешка од страна на Кривичниот суд. Во нашата институција сме примиле наредба за спровод на осудениот Сашо Мијалков на 28.11.2022 година за одредено судско рочиште на 12.12.2022 година. По оваа наредба ние сме постапиле и сме го испратиле осудениот Мијалков на рочиште. Ова судско рочиште е одложено, и потоа, на 14.12.2022 година во нашата институција пристигна пак барање од Кривичниот суд за истото лице, но, и во ова барање, датумот на судското рочиште е истиот од претходното барање, значи 12.12.2022 година. Значи евидентно е дека станува збор за техничка грешка, рече директорот Куља за МИА.

Од Кривичен, пак, велат дека на 14.12.2022 година затворот во Струга има примено наредба за спровод на обвинетото лице за денешната расправа.

– На денешната главна расправа, судечкиот совет пред странките ја прочита повратницата од Затворот Струга на која е наведено дека на 14.12.2022 година имаат примено наредба од Основниот кривичен суд Скопје, за спровод на посоченото лице на денешната расправа, велат од Кривичен суд.

Подоцна Кривичен, во соопштение до медиумите, ја објави повратницата од доставата на наредба за спровод од Затворот Струга.

23.12.2022 - 09:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега