„Ќе има уште удари“, најавија Украинците по нападот со дрон во Москва
Портпаролот на украинските воздухопловни сили рече дека последните напади со беспилотни летала врз Москва имале за цел да влијаат на Русите кои, откако Кремљ ја нападна Украина во февруари 2022 година, мислеле дека војната е далеку.
Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека рано утринава соборило три украински беспилотни летала кои се обидувале да ја нападнат Москва.
Причинета е мала материјална штета на фасадата на две деловни згради во деловниот кварт на Москва Сити, изјави градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин, пренесе Ројтерс.
„Секогаш нешто се случува во Русија, како и во Москва. Сега војната ги погодува оние кои не беа загрижени. Без разлика на тоа што руските власти би сакале да замижат пред ова, велејќи дека пресретнале… нешто погоди“, изјави портпаролот Јуриј Ихнат на украинската телевизија.
Украинската војска се повеќе користи беспилотни летала за повеќе од само извидување.
Украинскиот министер Михаило Федоров, чие Министерство за дигитална трансформација го надгледува планот за набавка на „армијата со беспилотни летала“, рече дека ќе следат уште напади со беспилотни летала додека Киев ќе ја засили летната контраофанзива чија цел е да ги истисне руските војници од украинската територија.
Москва исто така беше цел на нападите минатата недела. Украина ја презеде одговорноста за нападот во понеделникот, кој погоди две нестанбени згради, вклучително и една во близина на седиштето на Министерството за одбрана. Русија го нарече инцидентот „терористички напад“, иако воените акции на Кремљ во Украина редовно предизвикуваат цивилни жртви.
Еден цивил загина, а петмина беа повредени во руски ракетен напад врз градот Суми во североисточна Украина во саботата вечерта, додека уште две лица загинаа во ракетен напад врз Запорожје.
Двете области беа подложени на продолжено бомбардирање во текот на викендот. Украинските власти во Суми соопштија дека имало 25 инциденти со гранатирање во еден ден, додека воениот водач во Запорожје рече дека руските сили извршиле 77 напади врз 20 населени места низ Запорожје, при што погодиле 31 станбена зграда и друга инфраструктура.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа