Камења паѓаат на патот Скопје – Велес, граѓаните пријавија опасност

 

По укажување на граѓаните во Центарот за управување со кризи (ЦУК) за одронети и опасни камења паднати од десната страна на автопатот до белата линија и заштитната мрежа за одрони на делницата на Скопје – Велес, директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, беше на самото место на терен заедно со директорот Костадин Ацевски, директор на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта (ЈП ОЗМРП).

Имено, повеќе граѓани укажаа на единствениот телефонски број 112 во ЦУК дека на автопатот Скопје – Велес има одронети крупни и ситни камења, кои ако се насоберат повеќе при одредени метеоролошки состоби, може да достасаат – да се дотркалаат под заштитната мрежа и преку белата гранична линија на патот. Во тој случај тие би претставувале потенцијална опасност за возилата, односно за возачите и патниците што ја користат оваа делница.

Вработените од Јавно претпријатие за одржување и заштита се на терен при редовна работа за расчистување дел од делницата, во правец Скопје – Велес, а полициската асистенција од МВР овозможува за да се врши расчистувањето побезбедно.

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, посочи дека е секогаш актуелен апелот до граѓаните за почитување на сигнализацијата на патот и приспособување на движењето според условите на патот во согласност со неговото познато мото – „Безбедноста на прво место“! („Сејфти фрст!“)

При превентивното разгледување на ситуацијата на терен, во разговорот со Ангелов, Ацевски рече дека континуирано се работи и се чисти од паднати камења кои се истркалани под заштитната мрежа и се покрај автопатот, особено по поројни дождови и во периодите кога има голема разлика на екстремните температури во текот на деноноќијата, односно во овие периоди од годишното време.

Нагласи дека од особена важност се пријавите од граѓаните за ваквите одрони затоа што тоа е најбрзата информација од терен за опасности на патот и превентивно дејствување на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта: „Нашите служби континуирано се на терен и на дневно ниво ги поминуваат овие делници. Земајќи предвид дека работиме со ограничени човечки ресурси, постојано работиме на чистење на патиштата во соработка со надлежните институции“. Тој посочи дека автопатот Скопје – Велес е специфична делница, која речиси секогаш има одрони поради конфигурацијата на теренот, местоположбата и метео-условите. Екипите на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта со градежни машини работат на отстранување на покрупните камења со цел растоварување на заштитните мрежи на карпестите пресечени ридови и ритчиња од левата страна на автопатот.

04.08.2023 - 14:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега