Кацарска до политичарите: Итно ни е потребно воведување уставна жалба за граѓаните

Итно ни е потребно воведување уставна жалба за граѓаните, изјави претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, која одржа годишна прес-конференција.

Ова е порака до политичарите, апел до сите политички партии и пратеници, овозможете им на граѓаните за сите слободи и права да се обратат до Уставниот суд наместо правдата да ја бараат во Стразбур, нешто што ги чини државата и даночните обврзници парични средства, но и нарушен углед, рече Кацарска.

Во таа насока, Уставниот суд добил поддршка од претседателот на државата, Стево Пендаровски, а министерот за правда, Кренар Лога, преку медиумите изјави дека ја поддржува идејата за уставна жалба. Не треба да се пропушти да се каже, вели Кацарска, дека и некои од меѓународните претставници изразија поддршка за воведување на овој правен инструмент.

„Се надевам дека сите други фактори во Република Северна Македонија ќе дадат еден сериозен пристап на прашањето за воведување уставна жалба. Оваа тема нè седна на заедничка маса за дискусија со невладиниот сектор, со претставници на меѓународни организации и претставници на академската заедница. Заклучокот се подразбира: постои реална потреба од воведување уставна жалба во Македонија. Имав можност да ги слушнам искуствата со уставна жалба на сите поранешни југословенски републики, на Сојузна Република Германија, и да говорам на меѓународни конференции на теми поврзани со слободите и правата на граѓаните. Гордо ја претставував државата говорејќи за примената на ЕКЧП во домашниот правен систем на 60-годишнината од основањето на Уставниот суд во Република Србија, за правата и слободите на нашите граѓани говорев и на регионална конференција во Црна Гора, но и во Софија“, речe Кацарска.

Во годишното обраќање Кацарска ја оцени годината како динамична и плодна во уставно-судската хроника.

Додаде дека сè уште недостига еден судија во Уставниот суд ако се знае дека пред неполн месец Собранието го избра осмиот судија.

26.12.2023 - 16:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега