Јанчев: Левица предложи ограничување на кириите на иницијатива на студентите - ДПМНЕ и УМС гласаа против

 


Претседателот на вмровскиот подмладок, Сергеј Попов, и пратениците од ДПМНЕ гласаа против ограничувањето на кирии, предложено од Левица на Законодавно-правната комисија. Предлогот на Левица за законски измени во Законот за домување се однесува на тоа што се 
бара интервенција во висината на цените на кириите. 

- Сегашниот закон предвидува само долна граница - колку може да биде најниска цената на издавање на станови. Сегашната формула е 1/12 од 2% од  вредноста на станот на годишно ниво. Минималната кирија којашто ја предвидува Законот е 166 евра за стан околу 50 м² - образложи народниот пратеник од Левица, Сашко Јанчев.

Во име на Левица, пратеникот истакна дека тие немаат проблем со најниската цена за издавање на станови, туку имаат проблем со највисоката цена. 

- Во моментов за некоја гарсониера од 30 м² цените се 250 евра и тоа - ако имате среќа да ја начекате. Значи, ние имаме проблем со највисока цена, со тоа што нема плафон. Опасноста од превисоките цени се коси со основното човеково право на домување. Затоа ние со оваа законска измена предвидуваме и горна граница - горен максимум за колку може да се издаваат станови. Формулата што ја предвидуваме за таа горна граница е 1/12 од 3% од вредноста на станот. Тоа значи дека стан од околу 50 м² би имал максимална кирија од 250 евра - додаде Јанчев.

Пратеникот од Левица потенцираше дека оваа иницијатива доаѓа од студентите и студентските организации, а го истакна и фактот дека годинава бројот на студентски легла е преполовен, што е сериозна пречка за остварување и на правото на образование. Притоа, ги посочи и штетните младински политики што со децении ги водат партиите на власт.

Македонската јавност со години е сведок дека младите се оставени на милост и немилост од партиите на власт, а сега и дека наводните младински претставници и млади пратеници работат директно против интересот на студентите. ДПМНЕ уште еднаш покажа дека на дело работи против демохристијанската идеологија и наспроти зачувувањето на семејните вредности што само теоретски ги декларира, попречувајќи им ја можноста на младите да создадат семејства и покажувајќи ги своите несоодветни младински политики.

18.10.2024 - 09:07

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега