Израел синоќа истрела ракети во близина на Дамаск, загинаа три лица
Околината на сирискиот главен град Дамаск денеска беше цел на израелски воздушни напади во кои загинаа најмалку три лица, објави Сириската опсерваторија за човекови права (SOHR) со седиште во Лондон. Според тоа невладино здружение, кое има мрежа на извори на информации во Сирија, во нападот на населбата „со дворци на припадници на армијата и високи функционери“ се ранети голем број луѓе.
Официјалната новинска агенција Сана, повикувајќи се на воен извор, објави дека по полноќ, израелскиот непријател извршил воздушна агресија насочена кон повеќе цели во околината на Дамаск, додавајќи дека „системите за противвоздушна одбрана пресретнале некои ракети, додека други предизвикале материјална штета“. СОХР, исто така, известува дека „во петокот, областа на воениот аеродром Маца, западно од Дамаск, била цел на напад“, без да прецизира кој стои зад ракетниот напад.
Имено, додава СОХР, „таму се присутни милитантни групи, вклучувајќи го либанскиот шиитски проирански Хезболах и други проирански вооружени групи“. Од почетокот на сириската граѓанска војна во 2011 година, израелската војска извршила стотици напади против овие групи.
Од почетокот на војната со Хамас минатиот октомври, израелската војска ги засили нападите врз вооружените групи поддржани од Иран, сојузник на владата на сирискиот претседател Башар ал Асад и клучен спонзор на либанскиот Хезболах. Израел вели дека нема да дозволи зајакнување на присуството на Иран во Сирија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа