Инфлацијата во САД 3,2 отсто, најниска од јули
Инфлацијата во САД ослабе во октомври, покажуваат најновите податоци кои во вторникот ги објави американското Министерство за труд. Вкупниот индекс на потрошувачки цени забави на 3,2 отсто во октомври од 3,7 отсто во септември и е на најниско ниво од јули.
Забавувањето на инфлацијата делумно се должи на пониските трошоци за енергија, а поскапувањето на храната беше побавно од пред една година, иако трошоците во октомври благо се зголемија во однос на претходниот месец. Цените на месото, овошјето и зеленчукот се зголемени, пишува Њујорк Тајмс.
Цените на киријата го забавија растот во октомври, па трошоците за домување пораснаа за 0,3 отсто во споредба со растот од 0,6 отсто во септември. Аналитичарите сметаат дека новите податоци се охрабрувачки знак.
Со исклучок на нестабилните цени на храната и енергијата, основниот индекс на потрошувачки цени (CPI) се зголеми за 0,2 отсто во октомври на 4,0 отсто. Тоа е подобро од прогнозите на економистите кои очекуваа пораст од 0,3 отсто до 4,1 отсто, пренесува CNBC.
Пазарите позитивно реагираа на најновите вести за инфлацијата, па така индустрискиот индекс Дау Џонс доби 300 поени, додека приносите на државните обврзници нагло паднаа. Трговците заклучија и дека нема да има дополнително зголемување на каматните стапки од централната банка.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа