Илон Маск би можел да стане првиот билионер на светот

 

Илон Маск, извршен директор на Tesla, може да стане првиот билионер на светот благодарение на неговата компанија SpaceX, смета аналитичар на компанијата Морган Стенли.

Маск веќе е најбогатиот човек во светот со имот вреден 241 милијарда долари.

Најголем дел од тоа и должи на својата компанија Тесла, која произведува електрични автомобили, но благодарение на растот на SpaceX во истражувањето на вселената и вселенскиот туризам, прашање на време е кога ќе стане првиот билионер на светот.

Аналитичарот на Morgan Stanley, Адам Џонс, вели дека од своето основање во 2002 година, SpaceX ги поместува границите и роковите на можното, кога станува збор за ракети, лансери и инфраструктура.

„Повеќе клиенти велат дека ако Илон Маск стане првиот билионер... тоа нема да биде поради Тесла. Други велат дека SpaceX на крајот би можел да стане највредната компанија во светот, во кој било индустриски сектор“, рече Џонс во својата анализа за SpaceX Escape Velocity... Who Can Catch Them?

SpaceX го трансформира начинот на кој светот го гледа вселенското истражување. Летовите во вселената, кои досега беа реткост и за кои требаше долго време да се подготват и да имаат многу среќа, во последните месеци станаа уште една забава за богатите и влијателните. Ова во голема мера се должи на SpaceX, бидејќи оваа компанија беше првата што излезе со идеја за ракети кои можат да се користат повеќе пати.

Ваквите ракети сега речиси станаа реалност, така што цената на летовите во вселената е значително пониска, во рамки на буџетот на најбогатите.

Џонс верува дека SpaceX може да биде лидер во многу области, без разлика дали се работи за вселенска инфраструктура, истражување на длабоката вселена или набљудување на Земјата.

Сателитскиот проект Starlink, исто така, ќе биде клучен за растот на компанијата.

Џонс проценува дека SpaceX вреди 200 милијарди долари.

Маск поседува 48 отсто од компанијата.

 

21.10.2021 - 23:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега