Игор Јаневски: Фудбалот бара голема пожртвуваност, сон ми е да заиграм за Реал Мадрид

„Менталното здравје е тема на која не и се обрнува доволно внимание во фудбалот, а е една од клучните делови за успешна кариера. Има доста нешта кои придонесуваат за стрес и анксиозност кај еден фудбалер - притисокот секогаш да играш добро, адаптирање на нов клуб, менаџер, град, истекување на договорот, повреди“, изјави младиот и амбициозен фудбалер Игор Јаневски во интервју за „Прес24“, кој во моментов доминира на теренот во ФК Силекс.

Љубовта кон фудбалот му се појавила кога имал само четири години, а на шест веќе започнал професионално да се занимава со овој спорт. Во интервју за нашиот портал откри дека му е сон да игра за Реал Мадрид, а и дека за секој фудбалер претставува вистински предизвик да одржува баланс помеѓу професионален и приватен живот.

„По поразите секогаш пробувам да извлечам поука и да се подобрам себеси за следните натпревари, а победите секогаш ме ставаат во одлично расположение и ги славам со семејството или пријателите“, изјави Јаневски за „Прес24“.

ПРЕС24: Како започна Вашата приказна со фудбалот? Кога знаевте дека фудбалот е вистинскиот избор за Вашата кариера?

ИГОР ЈАНЕВСКИ: Љубовта за фудбалот се појави уште на мојата четиригодишна возраст, а почна да се реализира две години подоцна кога почнав да тренирам во школата на ФК Работнички. Три години подоцна, се префрлив во академијата на ФК Вардар каде што поминав прекрасни 8 години, при што освоивме многу титули во младинските лиги. Тука започна и мојата репрезентативна кариера во младинските селекции на ФФМ. Токму во овој период веќе ми стана јасно дека ова е патот по кој што сакам да чекорам понатаму во животот.

ПРЕС24: Во 2021 година се придружувате на ФК Силекс од Кратово, кога се уште сте средношколец. Тоа претпоставувам значи дека со денови сте престојувале во овој град поради фудбалските натпревари и тренинзи. Како успеавте да одржите баланс меѓу училиштето, дружби со пријателите и фудбалска кариера? Колкава пожртвуваност бара фудбалот?

ИГОР ЈАНЕВСКИ: Да, токму така. Да се оддржи баланс помеѓу овие три работи навистина претставува предизвик и треба да се жртвуваат доста работи. Отидов во една помала средина во која не беа моето семејство и пријатели и не познавав никого. Почетокот беше тежок, но благодарение на големата поддршка на моето семејство успеав да издржам. Вака кога ќе се навратам, тоа е еден клучен период во мојот живот бидејќи освен што станав позрел како фудбалер, станав позрел и како личност.

ПРЕС24: Во кој светски тим имате амбиции да се придружите?

ИГОР ЈАНЕВСКИ:  Мојот омилен клуб е Реал Мадрид и ми претставува сон да заиграм за него, но исто така би бил среќен и да играм во некој од клубовите од европските топ 5 лиги.

ПРЕС24: Како во секоја професија, така и во фудбалот има успеси, но и порази. Кој е Вашиот ,,ритуал“ по пораз на натпревар и како прославувате кога ќе се закитите со победа?

ИГОР ЈАНЕВСКИ: Точно така, по поразите секогаш пробувам да извлечам поука и да се подобрам себеси за следните натпревари, а победите секогаш ме ставаат во одлично расположение и ги славам со семејството или пријателите.

ПРЕС24: За менталното здравје се' повеќе се говори и во Македонија, со оглед на зголемениот број на млади лица кои се соочуваат со анксиозност и депресија. Како Вие се грижите за Вашето ментално здравје како млад фудбалер?

ИГОР ЈАНЕВСКИ: Мило ми што го поставивте ова прашање, бидејќи менталното здравје е тема на која не и се обрнува доволно внимание во фудбалот, а е една од клучните делови за успешна кариера. Има доста нешта кои придонесуваат за стрес и анксиозност кај еден фудбалер притисокот секогаш да играш добро, адаптирање на нов клуб, менаџер, град, истекување на договорот, повреди… Високите очекувања и разните притисоци се составен дел од професионалниот фудбал. За моето ментално здравје се грижам така што водам сметка за исхраната, спиењето и тренирањето во текот на неделата, и имам една рутина за пред натпреварите која ја правам така што кога ќе излезам на терен знам дека сум спремен да дадам максимум.

ПРЕС24: Каква порака ќе им испратите на сите млади кои сакаат да се придружат на фудбалската фела? На што да се фокусираат?

ИГОР ЈАНЕВСКИ:  Најпрво би им препорачал да уживаат во фудбалот, така мислам дека се раѓа љубовта за фудбалот, а кога го сакаш тоа што го правиш, секогаш бараш начини да бидеш подобар, или можеби најдобар. Играјте фудбал што е можно повеќе, така најдобро ќе се развијат сите потребни вештини, како и за сите други работи што вредат, потребно е време.

ПРЕС24:  Што да очекува македонската јавност од Игор Јаневски во следниот период?

ИГОР ЈАНЕВСКИ:  Оваа полусезона поради повреда за жал веќе ја завршив, но сум сигурен дека за другата полусезона ќе се вратам подобар за да му помогнам на мојот тим. Секоја прилика да ја претставувам мојата држава е огромна чест, така што би сакал да бидам на списокот за репрезентацијата до У21, како што бев и во сите останати младински селекции. Исто така кога ќе дојде време секако, би сакал да играм за првиот тим на Македонија.

18.11.2023 - 10:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега