Хорор за српските служби: Имале 135 пожари во изминатото деноноќие

Министерството за внатрешни работи на Србија денеска соопшти дека во изминатите 24 часа во земјата се регистрирани вкупно 135 пожари на отворено, при што поголемите пожари се изгаснати, а моментално се врши догасување на седум локации.

Во соопштението се наведува дека во акциите биле ангажирани 416 пожарникари-спасители со 180 возила, седум членови на Хеликоптерската единица на МВР, како и 15 припадници на специјализирани единици за цивилна заштита за гасење пожари, како и голем број доброволци, шумари и локални жители.

„Со навремената реакција на припадниците на Секторот за вонредни состојби на МВР, поголемите пожари во Пчињскиот округ во местата Добросин, Себрат и Брњаре, како и во Нишавскиот округ во населбата 9 мај, се изгаснати“, се вели во соопштението.

Министерството уште еднаш апелира до граѓаните да бидат одговорни и да ги почитуваат одредбите на Законот за заштита од пожари, поради актуелниот топол и сув период кој е погоден за настанување и брзо ширење на пожари на отворен простор, кои претставуваат опасност за животите и здравјето на граѓаните и може да предизвикаат големи материјални штети. 

16.08.2024 - 19:19

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега