Холандија се откажа од проект поврзан со Судскиот совет: „Тоа е нелигитимно тело“

 

Холандија стави во мирување проект поврзан со Судскиот совет, кажа холандскиот амбасадор во земјава Дирк Јан Коп.

Во интервју за „Радио Слободна Европа“, амбасадорот оцени дека состојбата е загрижувачка, а Судскиот совет станал нелегитимно тело.

„Сите случаи на СЈО, еден по еден тонат, а тоа е многу лош развој. Сега го имаме и случајот со Судскиот Совет кој всушност стана нелегитимно тело. Тоа е многу сериозно и болно за гледање. И поради тој преседан, Холандија сега стави во мирување еден голем проект поврзан со Сускиот совет. Ситуацијата е многу сериозна“, рече амбасадорот во интервјуто за РСЕ.

Поранешната претседателка на Судскиот совет Весна Дамева, на 26 април, беше разрешена од функцијата претседател на Судскиот совет. На седницата на Судскиот совет дојде до расправија кога Дамева одби да стави точка на гласање која ја немаше во дневниот ред. Нејзиниот заменик Селим Адеми повика да се гласа за нејзино разрешување. Го поддржаа седум члена и тој констатираше дека Дамева е разрешена и во нејзино присуство го презеде раководењето со седницата.

По скандалот реакција стигна и од амбасадата на САД. Оттаму за „Макфакс“ посочија дека членовите на Советот имаат задача да изградат независен судски сектор.

28.05.2023 - 21:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега