Хекуран Асани е новиот предлог на Владата за директор на М-НАВ
Оваа промена настанува бидејќи првичниот предлог – Илир Мехмеди, не ги исполнува условите за функцијата за која го предлага Владата затоа што нема валидна дозвола за надзорен контролор за летање ниту, пак, има најмалку шестгодишно работно искуство како контролор, пренесува 360 степени.
Хекуран Асани е новиот предлог. Тој е активен контролор на летање во М-НАВ и тој ги исполнува барањата кои се наведени во членот 17 од Статутот на Акционерското друштво во државна сопственост М-НАВ.
„Еден од членовите на Управниот одбор ја води, организира и е одговорен за давање на услуги во воздухопловната навигација и носи назив – извршен директор за воздухопловната навигација. Членот се избира од редовите на вработените и мора да има стручни знаења, способности и искуство во организирање и водење на дејноста на Друштвото, да поседува валидна дозвола на надзорен контролор на летање и најмалку шестгодишно работно искуство како надзорен контролор на летање“.
Владата на истата седница на која првично го утврди Илир Мехмеди за предлог за член на Управниот одбор и извршен директор за воздухопловна навигација во М-НАВ, во меѓувреме, го преиначила заклучокот и го утврдила Хекуран Асани за кандидат за таа позиција.
Од страна на „360 степени“ лично бил запрашан Мехмеди дали поседува валидна дозвола на надзорен контролор на летање каде тој бил неодреден во одговорот, со образложение дека ништо сè уште не е официјално.
Владата на денешната седница даде препорака до Надзорниот одбор на М-НАВ за разрешување на претседателот на Управниот одбор и извршен директор за воздухопловна навигација Фахрудин Хамиди, како и на членот на Управниот одбор и извршен директор за воздухопловна техника Љубе Стаменковски.
После овие случувања, од Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) соопштија дека го ставаат во мирување штрајкот што го најавија за утре со затворање на воздушниот сообраќај на македонското небо.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа