Хаос во албанскиот парламент: Опозицијата запали димни бомби, се вклучи и обезбедувањето
Затворената седница на Собранието на Албанија заврши пет минути откако почна, бидејќи пратениците од опозицијата запалија димни бомби, објави „Еј-би-си њуз“ на албански јазик.
Веднаш по усвојувањето на буџетот за 2024 година со мнозинство гласови, пратениците од опозицијата запалија димни бомби, па продолжувањето беше невозможно. Опозицијата направи и барикада од столчиња.
Инцидентот почна кога поранешниот премиер и водач на еден дел од опозициската Демократска партија, Сали Бериша, се обиде да стигне до говорницата. Се вмеша и пратеникот Газмент Барди кој побара од обезбедувањето да не го туркаат Бериша, пренесува Нова.рс.
„Сè претворивте во полициска држава. Која е поентата на сето ова, зошто практикуваш строгост, кој си ти“, го праша Барди обезбедувањето.
Во меѓувреме, по неколку отсуства од Собранието, премиерот Еди Рама денеска пристигна во Собранието за да учествува на седницата за буџетот.
Пред да дојде во собранието, Бериша започна дебата на Фејсбук, критикувајќи ги Рама и претседателката на парламентот, Линдита Никола.
– Тој (Рама) се исплаши, дојде во придружба на колона автомобили. Ние ги браниме нашите уставни права, правата на опозиционерите, а власта ги штити крадците. Линдита е експлоатирана од Рама и се однесува како личност без достоинство – изјави Бериша.
Заменик претседателот на Собранието Агрон Ѓекмаркај оцени дека денешната седница била ненормална, бидејќи опозицијата не учествува.
-Не го претворајте парламентот во затвор. Ова не е место само за мнозинството, а опозицијата треба да остане надвор. Секој има еднакви права. Ова е вистински скандал, вие имате одговорност. Вакви работи се случуваат во авторитарни земји. Ваков парламент не е нормален – рече Ѓекмаркај.
Сличен инцидент во албанскиот парламент имаше и неодамна.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа