Хаџијанев: Зачудува што Македонците ја поддржуваат Русија, а Албанците Украина
Универзитетскиот професор Методи Хаџијанев вели дека зачудуваат одговорите на граѓаните на анкетата на Детектор, која покажа дека Македонците ѝ даваат поддршка на Русија, а Албанците на Украина.
-Кога ќе ги видите работите и ако ги прелеете во пракса овие работи ќе видите дека има многу нелогичности. На пример, по сите фактори ние би требало да ја поддржуваме Украина бидејќи сме против отцепување, стравот кај Македонците дека ќе ни се отцепи територија. Обратно, кај Албанците би требало да ја поддржуваат Русија бидејќи таа на исти начин прави аргументи дека се бори за делот во Домбас и Луганск коишто сметаат дека се обесправени, човекови права, малцински права итн. Многу слично како косовско прашање бидејќи идентификацијата е таа, вели Хаџијанев во гостувањето во Детектор.
Појаснува дека ова се индикатори на кои треба да им се посвети внимание бидејќи многу фактор кога ќе се земат предвид доаѓаат како готов производ од западната култура без да се земаат релевантните фактори кај нас.
Вториот елемент за ваквите резултати на анкетата, според Хаџијанев, е водството или власта.
-Коешто всушност не успеа да се наметне како суверено водство, туку секогаш да проектираме дека тоа некој друг треба нам да ни каже или дека секогаш ние ќе зависиме од тоа што ќе каже, ако било порано Белград, сега ќе биде Брисел итн, без изградиме свој личен став. А тука се кршат копјата околу, пред сѐ, слабата политика, внатрешните проблеми како што се корупција, затскривање на внатрешни скандали и ставање на штит дека ние се бориме за некакви си евро-атлантски вредности, рече Хаџијанев.
Третиот елемент, според него, се двојните стандарди кои произлегле по многу прашање и доведувањето на западниот либерален менаџмент. Лошиот менаџмент на Западот, вели Хаџијанев, ги остави работите сами од себе да се решат на Балканот. Но појаснува дека локалните актери успеале во позадина да работат сѐ што е спротивно на евро-атлантските вредности.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа