Грковска за радио Лидер: Со популизам лесно се добиваат поени во јавноста, но се нанесува долгорочна штета на државата
„Ако целата меѓународна заедница ви кажува дека нема да има измени во преговарачката рамка, манипулирање со јавноста е постојано да се презентира дека постои друг пат накај Европската Унија“, истакна заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во денешното интервју за емисијата „Звукот на политиката” на радио Лидер.
„Од стартната позиција на заробена држава во 2017, дојдовме до степен на транспарентност кој сите го препознаваат. Но, за некои работи треба време и отвореност од политичките субјекти, за тоа колку се определени да решаваат прашања од национален интерес и подобра иднина на своите граѓани или сакаат да останат заробени во партиските ровови и да ги користат таквите прашања за партиски поени“, изјави Грковска, дополнувајќи дека во 11-годишното владеење на Груевски не беше направен ниту еден чекор во насока на исполнување на националните интереси.
„Тоа што ме загрижува, и тоа не се однесува само на нашата држава и регион, е што не ги научивме лекциите од минатото, дека играњето на картата на популизам и автократичност прави голема штета. На тој начин лесно и брзо се добиваат поени во јавноста, но се прави штета на долг рок, која тешко се поправа“, изјави Грковска во интервјуто за радио Лидер и апелираше до граѓаните да го искористат своето загарантирано демократско право и да гласаат на претстојните избори.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа