Грковска: Лицата ставени на црната листа на САД не треба да бидат на јавни функции
Според вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска лицата кои се ставени на црната листа на САД, не треба да бидат ниту на јавни функции ниту кандидати за јавни функции. Таа посочи дека ваквата мерка е во насока на зголемување на довербата на институциите.
„Дадов иницијатива која што Владата ја прифати, за изменување на Законот за рестриктивни мерки, со кои ќе се зголеми опсегот на рестриктивните мерки и ќе се однесува и на организиран криминал, корупција и тероризам, а со координативното тело составено од неколку институции се договоривме да се додадат и хибридните закани како дејствија против државата. Координативното тело веќе подготви предлог драфт на законот. Министерството за надворешни работи како матично министерство треба да го изготви и да го предложи на Владата да го разгледа и потоа да влезе во собраниска процедура“, изјави Грковска.
Вака како што појасни се олеснува процесот за оние лица кои САД ќе ги стави на листата на санкции, да се процесуираат и во македонското законодавство.
„Ги додаваме и Обединетото кралство кое до сега беше опфатено во санкциите кои се изречени од ЕУ. Но бидејќи веќе не е член на ЕУ сметавме дека треба и тоа да биде додадено. Исто така, сметаме дека треба да има дополителни реперкусии во смисла за оние кои се ставени на листата на санкции, дека не треба да бидат ниту кандидати за јавни функции ниту да бидат на јавни функции. Тоа ќе биде мерка во насока на тоа да се зголемува довербата на институциите. Не смееме да дозволиме лица кои се ставени на листата на санкции да се однесуваат во нашата држава како ништо да не се случило и не само тие лица, туку институциите кои се задолжени за борба против корупција и организиран криминал да се однесуваат како воопшто да нема укажување од нашите меѓуинародни партнери дека имаат сериозни докази врз основа на кои ја донела одлуката тие лица да ги стават на листата на санкции“, порача Грковска.
Изрази надеж дека со ваквиот чекор системот ќе биде поефикасен и полесен за функционирање и ќе се зголеми одговорноста кај функционерите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа