Грипот нема да го одложи стартот на второто полугодие, Комисијата препорача проветрување и хигиенски мерки

Во овој момент нема ризик второто полугодие од учебната година да почне навреме, следната недела. Комисијата за заразни болести, која денес препорача маски во здравствените установи и во домовите кои згрижуваат стари лица и забрани посети во болниците и во домовите за стари лица, засега не гледа опасност за школите поради зголемената борјка на заболени од грип.

„Учебната година стартува. Во моментов нема ризик дека нешто специјално страшно ќе се случува. Потсетуваме на хигиенските мерки, на проветрувањето. Во моментов нема потреба од нешто посериозно“, рече претседателот на Комисијата, Александар Петличковски.

Комисијата денес извести дека имаме зголемување на бројот на случаи со грип споредено не само со минатата недела туку и споредено со просечниот број случаи изминатите тринаесет години. Мерките се предложени по вкупно шест смртни случаи на заболени од грип.
Комисијата денес ги повика лицата над 65-годишна возраст и лицата со други болести до 65 години кои не се вакцинирале, да го сторат оти на вакциналните пунктови се уште има вакцина за заштита од грип.

Покрај предложените мерки и повикот за вакцинација, Комисијата апелираше, и оние со слаби симптоми на настинка да останат дома или да се држат настрана од интензивни комуникации.

16.01.2024 - 15:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега