Грчка компанија за вредност од околу 1 милијарди евра ќе ја гради хидроцентралата „Чебрен“, соопшти ЕСМ
По објавениот меѓународен јавен повик за изградба на еден од најголемите проекти во енергетиката и во производството на електрична енергија кај нас, хидроцентралата Чебрен, согласно Извештајот на Комисијата, Владата на 185-тата седница, донесе Одлука за избор на најповолна понуда за доделување концесија за користење вода за производство на електрична енергија со изградба на хидроелектрични централи на Црна Река која се доделува на понудувачот PUBLIC POWER CORPORATION S.A. – Greece & ARCHIRODON GROUP N.V. – Greece, односно ППЦ-Архиродон, а во согласност со тендерската документација и договорот за концесија кој беше дел на тендерската документација, информираат од ЕСМ.
Хидроцентралата Чебрен, според соопштеното, беше предизвик години наназад за експертите во енергетиката, архитектурата, градежништвото и предизвик за државата и нејзините чинители задолжени за спроведување на овој голем проект во дело.
„АД ЕСМ и управниот одбор на компанијата се горди што во нивни мандат се прави еден сериозен и издржан чекор во правец на реализација на Чебрен, државата и АД ЕСМ имаат стручна и секаква друга подготвеност за овој исклучителен инсфраструктурен објект да почне да се гради.
Хидроцентралата Чебрен е инвестиција по принципот на јавно-приватно партнерство, во кое ЕСМ ќе биде јавниот партнер во име на државата.
Проценетата вредност на инвестицијата е околу 1 милијарда евра со која е предвидена изградба на реверзибилна хидроцентрала Чебрен, со инсталиран капацитет од најмалку 333 MW. ХЦ Чебрен е предвидено да има функција на производство на електрична енергија, како и режим на пумпање и враќање на водата назад со што на Црна Река предвидено е создавање ново вештачко езеро, кое ќе биде најголемо во нашата држава“, се додава во информацијата.
По завршување на проектирањето, и обезбедувањето на потребните документи се очекува да се почне со градба која е предвидена да трае 7 години.
„Чебрен е од исклучително значење за енергетската транзиција на Северна Македонија и регионот, поради можноста за балансирање на обновливите извори на енергија. Воедно ќе има огромно значење и за заштита од поплави, водоснабдување, земјоделие и слично со висина на браната од 192 метри, со што ќе биде една од највисоките во светот.
Во контекст на енергетската трансформација и чистите извори на електрична енергија, треба да се каже дека Чебрен ќе ни овозможи во иднина да го
намалуваме производството од јаглен, и базната енергија постепено да ја супституираме со производството од оваа голема хидроелектрана.
Идејата и проектирањето за големиот хидроенергетскиот проект Чебрен започнува со првите физибилити студии во 60-тите години. Досега имало 13 неуспешни тендери во период од последните 20 години. Постојниот Јавен повик е четиринаесетти обид за доделување концесија на Црна Река
Ова е уште еден во низата големи инвестициски проекти во енергетиката. Иако можеби Чебрен е најголем, ние не запираме тука. Продолжуваме“, велат од ЕСМ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа