Градоначалникот на Пехчево: Пожарот е под контрола, Ви благодарам на сите
Градоначалникот на Пехчево, Александар Китански денеска преку јавна објава изрази јавна благодарност до сите кои учествувале во гаснењето на неодамнешниот пожар. Во изминативе неколку денови, Општина Пехчево беше зафатена со пожар од големи размери, а на местата кои беа зафатени од пожарот се уште има 24 часа дежурни екипи и мобилни патроли.
-Дозволете ми од мое лично име, да Ви се заблагодарам на сите јавни и државни институции, доброволни друштва и невладини организации, на сите правни и физички лица кои доброволно се вклучивте во акцијата за гаснење на пожарот, без разлика дали тоа го направивте преку донација, со директно вклучување во гаснењето на пожарот или со помош во пунктот за донации, истакна Китански.
Апелираше сите граѓани со своето делување заеднички да придонесат ваквата слика да не се повтори.
-Сплотени сите со заеднички сили успеавме огнената стихија да ја ставиме под контрола. Ви благодарам и во иднина сите да се потрудиме и да придонесеме да ја зачуваме природата која ни остана!, додава Китански.
Во меѓувреме, на последниот состанок на Кризен штаб на Општина Пехчево во врска со пожарите беше донесена одлука да се продолжи со патролирање на критичните области во наредните 24 часа во линија на фронт од 10 километри од м.в Еленско блато до м.в Рамно борје. Сите релевантни институции ќе останат во постојана комуникација и координација за да се обезбеди брза реакција во случај на нови инциденти
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа