Ѓорѓиевски од ССК: Наместо замрзнување на цените, потребни се субвенции за ранливите семејства

 

 

Мерките за заштита на стандардот на граѓаните од инфлацијата треба да бидат насочени кон семејствата на кои им е навистина потребна поддршка, наместо замрзнување на цените. Преку трансфери и субвенции, преку таргетирана поддршка, ќе им се излезеше во пресрет на семејствата на кои навистина им е потребна поддршка. Наместо тоа со замрзнувањето на цените се прави удар врз производителите, а иста поддршка им се дава и на имотните семејства и на социјално загрозените семејства. Ова го порача потпретседателот на Сојузот на стопански комори, Горан Ѓорѓиевски, во гостување на Топ Тема.

„Во оваа ситуација, министерот Бекетши излезе и кажа дека секое семејство заштедува по 2.000 денари. Меѓутоа, не на секој му е потребна помош во однос на овие основни намирници. На некого кој има финансии и кој е добростоечки, не му треба помош. Од друга страна на други луѓе, семејства, им е потребна многу поголема помош од 2.000 денари. Во таква ситуација не би се замрзнала цената, а на оние на кои навистина им е потребна помош ќе им се помогнеше многу повеќе, може и по 10.000 денари ќе требаше да се помогне по семејство. Уште еден многу важен факт, со ова замрзнување директно се делува негативно само на компаниите од прехрамбената индустрија, тие го трпат ударот. Доколку помагате за поддршка на ранливите семејства, сите индустрии, сите дејности, и рударство, банкарство, сите еднакво ќе го понесеа ова и немаше да биде удар за една индустриска гранка“, порача Ѓорѓиевски.

Имајќи ги предвид високите маржи во трговијата, како и тековните пазарни услови, производителите во прехрамбената индустрија се на најголем удар од владината мерка за замрзнување на цените на прехрамбените производи. „Недостатокот на човечки ресурси и намалената ликвидност на компаниите се ограничувачки фактори за производителите. Со недостатокот на работници, расте цената на занаетчиите, што прави притисоци врз производствената цена. Второ е ликвидноста на компаниите, поради високите каматни стапки. Пазарот треба да ги одреди финанлните цени, ние влегуваме во еден затворен круг, и треба да се постави прашањето што кога ќе завршат мерките за замрзнување на цените 30 ноември“, посочува Ѓорѓиевски.

За таргетирани наместо линерни мерки се залага и Меѓународниот монетарен фонд, кој за земји како нашата, со висок јавен долг, вели дека треба да се носат таргетирани мерки кои ќе им помогнат на ранливите семејства.

27.09.2023 - 21:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега