Германската влада „омекна“: Одобри извоз на противвоздушни ракети во Саудиска Арабија

 

Германската влада денеска одобри извоз на противвоздушни ракети во Саудиска Арабија, ублажувајќи го нејзиниот досега цврст став за извоз на оружје во таа земја.

Владиниот портпарол Штефен Хебестрајт во денешното соопштение го потврди извештајот на неделникот Шпигел дека германскиот Совет за безбедност составен од германскиот канцелар Олаф Шолц и други министри на крајот од минатата година одобрил извоз на 150 противвоздушни ракети Ирис-Т.

Претходната влада предводена од канцеларката Ангела Меркел воведе забрана за извоз на оружје во Саудиска Арабија по убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги во 2018 година.

Вестите за дозволата за испорака на ракетите Ирис-Т доаѓаат откако министерката за надворешни работи Аналена Бербок во неделата изјави дека Германија е отворена за испорака на повеќе авиони Еурофајтер, изградени од мултинационален конзорциум, кој го вклучува Берлин, на Саудиска Арабија.

Во нивниот коалициски договор од 2021 година, сегашните владејачки партии рекоа дека нема да одобрат извоз на оружје во земјите „директно вклучени во војната во Јемен“.

Хебестрејт во понеделникот рече дека Шолц го дели мислењето на Бербок, додавајќи дека го преиспитал влијанието на таканаречената „Јеменска клаузула“ врз Саудиска Арабија во однос на случувањата во тој конфликт.

Тој исто така укажа на, како што го нарече, „многу конструктивниот став“ на Саудиска Арабија кон Израел по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври и рече дека саудиските воздухопловни сили собориле проектили истрелани кон Израел од јеменските бунтовници Хути.

10.01.2024 - 21:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега