Газдите пред Уставен ја спорат неделата како нареботен ден
Уставниот суд информира дека Стопанската комора на Северна Македонија поднела две иницијативи да се оформат предмети во врска со недела-неработен ден.
Едната иницијатива се однесува на измените на Законот за работни односи со кој недела се прогласува за неработен ден, освен во одредени дејности кои се наведени како исклучоци.
„Подносителот го оспорува Законот за изменување и дополнување на Закон за работни односи објавен во „Службен весник на РСМ” бр.288/21, како спротивен на слободата и пазарот на претприемништво, темелните вредности и еднаквоста на граѓаните. Оспорениот закон се однесува на уредување на работата во недела.“, соопшти Уставниот суд.
Другата иницијатива се однесува на измените на Законот за трговија со кои трговија на мало не може да се врши во недела и на празници, освен во молови, на бензински пумпи, специјализирани продавници во туристички места, на манифестации-настани, зелени пазари и ако сопственикот сам си работи во дуќанот.
„Се оспоруваат одредби кои се однесуваат на работното време, инспекцискиот надзор и прекршочни санкции. Според подносителот оспорените одредби биле во спротивност со слободата на пазарот и претприемништвото (член 8 алинеја 7), владеењето на правото (член 8 алинеја 3) и начелото на еднаквост (член 9) од Уставот“, информира Уставниот суд.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа