ФЗО и Здружението на приватни лекари: Преку дигитализација до намалување на бирократијата

Решавање на проблемите со кои што се соочуваат лекарите во Македонија беше тема на разговор на директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски и Бранко Аџигогов со претставници на Здружението на приватни лекари, Лилија Чолакова Дервишова и Мевљудин Куч.

„Приватните здравствени установи (ПЗУ) се носечки столб на примарното здравство и тие се првиот контакт на граѓаните со лекарите. Нивната подобра ефикасност зависи од подобрите услови за работа што значи пред се намалување на бирократијата која во моментов е обемна. Плановите на Фондот за здравствено осигурување е значајно да го подигне степенот на дигитализација и со тоа драстично да се намали бирократијата, а во исто време да се постигне побрз проток на информации помеѓу институциите во здравствениот систем. Дигитализацијата ќе ја намали и можноста за злоупотреби, а во исто време ќе ја подобри услугата на пациентите“, потенцира в.д директорот Сашо Клековски.

На средбата заеднички беше констатирано дека само со дијалог, отворен однос, двонасочна комуникација може да се решат сите проблеми во интерес на лекарите и секако на пациентите.

Останува да се решат наталожените проблеми како што се барања за уредување на односите ПЗУ и матични доктори, зголемување на капитацијата, како и измени во казнени политики (укинување на дестимулација) и казни изразени во проценти од плата.

Како вонредна мерка ЗПЛРМ побара за време на екстремните температури хроничните пациенти да не се препраќаат до специјалисти за нови препораки, туку да важат старите. За ова барање веднаш е информирано Министерството за здравство.

 
11.07.2024 - 09:47

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега