(ФОТО) ЦУК: Потрагата по исчезнатиот Киро Пупуноски продолжува и денеска
Центарот за управување со кризи (ЦУК) известува дека исчезнатото лице Киро Пупоноски во Крушевско, денеска, (26.12.2022 година), се уште не е пронајдено.
„Потрагата трае во континуитет од самото пријавување во МВР (од 22.12.2022 година). Денеска продолжи со ангажман на 10 полициски службеници од ОВР Крушево, 50 лица од АРМ, ЦУК Крушево со 4 лица вработени, 2 лица екипа од Шумска полиција со едно возило и околу 20-тина граѓани доброволци. Се пребаруваат сите околни места, шумските појаси, низинските места и селските населени места. Регионалниот центар за управување со кризи во Крушево (РЦУК Крушево) е во координација со сите екипи од институциите и редовно добива информации“, информираат од ЦУК за Прес24.
Инаку, потрагата активно трае во континуитет од самото пријавување за исчезнувањето во МВР, конкретно од 14:45 часот во Полициската станица (ПС) Крушево во четвртокот (22.12.2022 година).
Во петокот (23.2.2022 година) во потрагата учествувале 14 полициски службеници од ОВР Крушево, 3 лица од единиците за брзи интервенции од ДЗС, една екипа со куче трагач и еден хеликоптер од МВР, ловно друштво „Елен“ со 15 ловџии, екипа од Шумска полиција и околу 50-тина граѓани доброволци. Се пребарувале сите околни места, шумските појаси, низинските места и селските населени места. Потрагата во вечерните часови продолжила во градот, населените места (колиби, напуштени куќи, штали) и слични места. Полицискиот хеликоптерот што трагал бил повлечен во 16:00 часот.
Во саботата, 24.12.2022 година, од 07:00 часот па до доцните вечерни часови, при потрагата биле опфатени реоните со дел од шумските појаси кон с. Бирино и манастирот Свети Спас и други места за коишто се претпоставувало дека е можно да е исчезнатиот. Учествувале 30 полициски службеници од ОВР Крушево, 4 лица од единиците за брзи интервенции од ДЗС, една екипа од МВР со куче трагач и хеликоптерот од МВР, РЦУК Крушево со тројца вработени, а истовремено биле ангажирани уште едно куче трагач од страна на семејството, ловното друштво ЕЛЕН со околу 60 ловци кои трагаа на терен на различни локации, двочлена екипа од Шумска полиција со едно возило и околу 50-тина граѓани доброволци. Регионалниот центар за управување со кризи РЦУК Крушево е во координација со сите екипи од институциите и редовно добива информации.
Во неделата (на 25.12.2022 година), по барање на градоначалникот на Општина Крушево до Центарот за управување со кризи во потрага во Крушевско по исчезнатото лице Киро Пупоноски, се вклучија и сили на Армијата на Република Северна Македонија, со 100-тина армиски припадници и едно куче трагач, а и соодветни материјално-технички средства,. Министерот за одбрана и Началникот на Генералштабот одговорија позитивно на барањето.
Како што информираа од семејството на исчезнатото лице, во инфо-апелот пренесен од медиумите во пошироката јавност, лицето боледувало од деменција, носело очила, а на денот на исчезнувањето било облечено во црна блуза и црни тренерки со бели линии. Конкретно, медиумските работници од Сител објавија фотографија и име од исчезнатото лице како помош во потрагата.
Ако некој го видел лицето во некое населено место каде што би можело и случајно да стигне, во околните места и во околните градови, може да пријави едноставно на 112, бројот за итни случаи во ЦУК, па потоа во соработка со институциите во тие места да се конкретизира потрага според тие хумани дојави.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа