Филипче: Премиере Вие сакате да бидете СДСМ

 

 

Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ додека беа опозиција всушност сакале да бидат СДСМ. Ова го истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче, според кого, однесувањето на Мицкоски како премиер и прифаќањето и продолжувањето на сите проекти започнати од Владата на СДСМ е потврда за нејзината успешна работа.

„Па вие господине Мицкоски, всушност сте сакале да бидете СДСМ. Штета што кочевте, блокиравте и напаѓавте сè што всушност било добро за граѓаните, но лошо за вашето делување во опозиција“, истакна Филипче и потенцираше дека со тоа се потврдува кусогледоста и политичкиот опортунизам на Мицкоски кој работи на штета на интересите на граѓаните.

„Се надевам дека ќе имате доблест, ќе излезете пред граѓаните и ќе се извините за тоа што ги излажавте. Тоа е доблесно“, му порача Филипче на Мицкоски.

Филипче истакна дека СДСМ како одговорна политичка партија и во опозиција силно ќе ја поддржува изградбата на стратешките проекти од национално значење.

Како дел од проектите започнати од СДСМ што ВМРО-ДПМНЕ ги критикуваше додека беше во опозиција, Филипче ги наведе Преспанскиот договор, кој Мицкоски го нарекуваше историско предавство, а сега ремек-дело, понатаму договорот со „Бехтел и Енка“ кој од историски криминал станаа историски проект, како и пругата кон Бугарија за која Мицкоски тврдеше дека завршува во слеп тунел, а сега ќе го реализира и тој проект.

31.10.2024 - 12:39

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега