Филипче: Оваа влада не води грижа за граѓаните, ние и во криза ги зголемувавме платите
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во вечерашното интервју во „Тема на денот“, на телевизија Сител, посочи дека граѓаните во пресрет на зимата повторно ќе се соочат со ценовни шокови и помалку пари во семејниот буџет, а Владата не води сметка за стандардот на граѓаните.
Во интервјуто, Филипче потенцираше дека во време на Владата на СДСМ, преку низа мерки и во услови на тешки кризи се водеше грижа да не се намали стандардот на граѓаните и да се одржи ликвидноста на компаниите.
„Освен растот на платите во време на такви кризи и во време на таква инфлација, се дадоа огромен број на мерки како поддршка и кон компаниите, за да се одржи бизнисот и за да се задржат работните места. Тоа системски се правеше со цел да се зголеми стандардот на граѓаните. Сега падот на просечната плата за прв пат после седум години не е врзан со инфлацијата, врзан е со тоа што не води сметка Владата да го зголемува стандардот на граѓаните“, рече Филипче.
При тоа, Филипче посочи дека мерката на Владата за намалување на цените, очигледно не дава ефект, за што потврда е и ставот на министерката за финансии која изјави дека конкретната мерка не е добра. Ваквите неусогласени и различни ставови на премиерот и неговите министри, како што рече Филипче се доказ дека Владата не е координирана и нема јасен план како да го заштити стандардот на граѓаните, кои на прагот на зимата ќе се соочат и со помалку пари и со ценовни шокови.
„И покрај ветувањата дека ќе има зголемување на плати, ние гледаме денеска пример во кој што на просветните работници платата им се зголемува за само 5%, а требаше да биде 12% согласно нашиот план и колективните договори. Министерката за финансии вчера излегува и кажува дека не треба да се зголемат платите на здравствените работници, односно на лекарите, доволно им биле зголемени во изминатиот период. Ние просечната плата во најголемите кризи ја зголемивме, скоро е дуплирана и тоа во голема инфлација, во кризи како Ковид кризата и економско-енергетската криза“, потенцираше претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа