Филипче: Неприфатлив е секој обид за негирање на македонската посебност
Најостро ги осудувам иредентистичките изјави на лидерот на крајнодесничарската бугарска партија Преродба, Костадин Костадинов, со кои тој го поткопува суверенитетот и достоинството на Република Северна Македонија и негира посебниот македонски етнички идентитет, вели лидерот на СДСМ Филипче на социјалните мрежи.
„Негирањето на посебноста на македонскиот јазик, идентитет и историја претставува директно кршење на принципите на меѓународното право и основните вредности на Европската унија.
Повикувам и очекувам официјална Софија јасно и недвосмислено да се огради од изјавите на Костадинов, кои се во спротивност со европските вредности и принципите на добрососедство.
Ја повикувам Европската унија јасно да го осуди ваквиот однос, кој ги поткопува универзалните човекови права и европските вредности, и да покаже дека ваквите изјави немаат место во ЕУ.
Очекувам македонската влада итно да соопшти конкретни мерки за спречување на ваквите иредентистички изјави и активности и да преземе активности за заштита на македонското национално достоинство и интереси.
Секој обид за негирање на македонската посебност е неприфатлив и директно спротивен на европските вредности за почитување на различностите.“ - вели Филипче
09.01.2025 - 14:26
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа