„Фајненшл тајмс“: ЕУ подготвува резервен план за финансирање на Украина
ЕУ подготвува резервен план вреден до 20 милијарди евра за Украина, користејќи структура на долгот што ги заобиколува приговорите на унгарскиот премиер Виктор Орбан за финансирање на земјата разурната од војна, објави „Фајненшл тајмс“.
Откако лидерите на ЕУ не успеаја да се договорат за предложениот четиригодишен пакет од 50 милијарди евра за Украина на почетокот на овој месец, претставниците на блокот бараат алтернативи за да го спасат Киев од претстојната буџетска криза, доколку не можат да се надминат разликите, забележува британскиот весник.
Официјални лица вклучени во разговорите рекоа дека моделот финансиран преку долг добил актуелност како најпрактичен начин за давање поддршка доколку Орбан не се согласи да се откаже од своето вето на планираниот самит на 1 февруари, според „Фајненшл тајмс“.
Таа шема вклучува земјите-членки-учеснички да даваат гаранции за буџетот на ЕУ, што ќе дозволи на Европската комисија следната година да позајми до 20 милијарди евра од пазарите на капитал за Киев, изјавија за весникот луѓе запознаени со преговорите.
Се уште се разговара за точните услови, а конечната сума ќе биде одредена во зависност од потребите на Украина, додаваат изворите.
Независно од избраниот модел, ЕУ и вети на Украина дека ќе обезбеди финансирање најдоцна до март, според официјални лица запознаени со разговорите меѓу министрите за финансии на Г7 минатата недела.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа