Европската комисија ќе го проучи договорот меѓу Франција и Велика Британија за размена на мигранти

 

Европската комисија денеска соопшти дека ќе ги „проучи“ одредбите од договорот меѓу Франција и Велика Британија за планот за размена на мигранти.

– Растечкиот број на мигранти кои илегално го преминуваат Ламанш е алармантен и бара силен одговор, оцени Маркус Ламерт, портпарол на Европската комисија, додавајќи дека француско-британскиот договор ќе биде разгледан.

Договорот произлезе од согласноста што ја постигнаа францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер за време на последната официјална посета на Макрон на Лондон.

Договорот, објавен вчера, допрва треба да биде поднесен до Европската комисија пред да биде потпишан од двете држави, а се заснова на принципот „еден за еден“.

Се предвидува Велика Британија во Франција да ги враќа мигрантите кои илегално пристигнуваат со чамци од таа земја, а за возврат да прифати ист број мигранти кои се наоѓаат во Франција, а не се обиделе илегално да го преминат Ламанш и притоа преку онлајн-платформа изразиле желба да живеат во Велика Британија каде што имаат роднини.

Во јуни, пет земји-членки на ЕУ – Шпанија, Грција, Италија, Малта и Кипар – изразија загриженост дека Франција и понатаму би можела да ги враќа мигрантите во првата земја на ЕУ во која пристигнале, а тоа се токму тие.

Повеќе од 21.000 мигранти го преминале Ламанш од почетокот на годината, што е рекорден број.

11.07.2025 - 21:27

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега