ЕСМ: Фирмата предложена од Мицкоски никогаш не достави комплетна понуда за испорака на гас

 

Фирмата што ја предложи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за набавка на природен гас, никогаш не достави комплетна документација и не ги приложи потребните референци задолжителни за сите понудувачи, соопштуваат од АД ЕСМ.

Во својата реакција на наводите изнесени од потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски дека ЕСМ не сакала да потпише договор за набавка на природен гас со фирмата предложена од Мицкоски, компанијата посочува дека со неа бил потпишан само првичен EФЕТдоговор, кој е стандарден договор меѓу страните на европскиот пазар за енергенси, а кој е невалиден без дополнително доставена конкретна понуда на количини, потекло, испорака и банкова гаранција.

– Наведената фирма беше директно контактирана од одговорни лица од АД ЕСМ, беше повикувана на неколку огласи за набавка на природен гас и од наша страна се правеа обиди да се дојде до комплетна понуда која може да се разгледа согласно објавата за набавка, се наведува во соопштението на ЕСМ.

Оттаму дополнуваат дека до поднесување на комплетна понуда не дошло, а дополнително биле известени и дека за еден одреден период фирмата воопшто не е во можност да испорача гас.

– Од погоре наведените причини, сметаме дека е недозволиво висок партиски функционер од опозицијата да изнесува неиздржани наводи, особено во ситуација кога АД ЕСМ, соочена со менаџирање на енергетската криза со електрична и топлинска енергија, одвои време и ресурси за сериозно да и пристапи на наведената фирма, која како што покажа времето, не била сериозен предлог од страна на опозицискиот лидер, велат оттаму.

Од АД ЕСМ велат дека сериозно забележуваат на обидите да се изнесуваат, како што велат, „извртени информации кои не ги прикажуваат точно настаните што се случиле“ и апелираат до претставниците на политичките партии да не го вовлекуваат АД ЕСМ во „невистинити искази“ при своите јавни настапи.

24.12.2022 - 12:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега