ЕОС Матрикс на дебата со студентите од Економскиот факултет при УКИМ - младите сакаат поголема финансиска писменост
Над 50 % од младите лица во Европа сакаат поголема финансиска едукација, а високиот интерес за поголемо познавање на светот на финансиите главно се должи на турбулентната економска состојба. Енергетската криза што ја зафати Европската унија дополнително влијаела на зголемување на потребата од финансиската писменост кај младите лица и можноста за промена на навиките. Овие наоди се дел од Истражувањето на навиките на потрошувачите што групацијата ЕОС („EOS Group“) го спроведе во првата половина од 2023 и беа тема на дискусијата „Разоткривање на финансиските предизвици на потрошувачите“, што се одржа на Катедрата за финансии на Економскиот факултет при УКИМ во Скопје. На дискусијата беа презентирани клучните сознанија од истражувањето пред студентите.
Истражувањето ги сублимира одговорите на младите испитаници од 18-34 години и покажува дека најзастапени финансиски грижи за иднината кај младите луѓе се високите цени, односно инфлацијата, со 70 % како најголема грижа, од друга страна се високите трошоци за енергенсите кои се грижа само на 46 % од младите, а невработеноста е финансиска грижа на 27 % од испитаниците.
При презентирање на наодите од истражувањето кај младите, д-р Катерина Бошевска, генерална директорка на „ЕОС Матрикс“, која е дел од Групацијата ЕОС, пред студентите истакна:
„Потрошувачите во Европа се одговорни со своите пари, но имаат големи грижи за своите финансии. Задолжувањата не се непријатни само во време на криза. Особено кога станува збор за неопходни работи како греење или електрична енергија. Инфлацијата особено остава белег на потрошувачите и ова предизвикува грижи за сите нас, воедно и за младите. Финансиската едукација може да помогне со вештините за справување со овие предизвици. Таа е витална животна вештина која ни помага да донесеме информирани одлуки за поголема финансиска стабилност. Младите сакаат поголема финансиска едукација и голем дел од младите се многу внимателни со своите финансии. Ова е многу охрабрувачки бидејќи тоа укажува на висока свест кај младите дека со подобро менаџирање на сопствените финансии може да се подобри квалитетот на животот и да се подигне животниот стандард. Затоа е многу важно да отпочнеме со финансиска едукација уште во раната возраст и да им дадеме доверба на младите ефикасно да управуваат со парите.“
Студентите на катедрата за финансии при Економскиот факултет ги искажаа своите ставови во врска со потребата од поголема финансиска едукација помеѓу младите и дадоа свои предлози како да се постигне оваа цел. Во рамките на дебатата презентираа студентите на Катедрата по финансии, предводена од проф. Ѓорѓи Гоцков, со свои излагања на темите „Потрошувачки и штедни навики кај младите во Македонија“ и „Трошоци на македонските студенти и влијанието на секторот врз нивната финансиска писменост“. Трендот на зголемена потреба од финансиска едукација што го покажува ова истражување треба да биде мотив за поголемо иницирање на активности во таа насока преку цврста соработка меѓу реалниот сектор и академската заедница, беше заклучено на дебатата.
Како членка на групацијата ЕОС, ЕОС Матрикс Македонија иницира низа различни истражувања во земјите од Европа, чија цел е анализа на финансиските навики на населението и на реалниот сектор. ЕОС Матрикс Македонија е финансиски инвеститор со меѓународна експертиза, кој во континуитет развива нови финансиски алатки и иновативни технолошки решенија, кои ја збогатуваат понудата на финансискиот пазар, овозможувајќи повеќе различни опции за подобрување на конкурентноста на македонските компании.
Повеќе информации и контакт податоци споделува ЕОС Матрикс на официјалната веб страница: https://mk.eos-solutions.com/
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа