ДЗС: Намален бројот на доктори на науки и на магистри во 2022

Звање доктор на науки минатата 2022 година стекнале 197 лица, што е намалување за два процента во споредба со 2021 година.

Според податоците што денеска ги објави Државниот завод за статистика (ДЗС), најголем број  (31.0 проценти) докторирале во здравството и социјалната заштита,  17.8 отсто во бизнисот, администрацијата и правото, 10.2  отсто во општествените науки, новинарството и информирањето, 9.1 проценти во  уметноста и хуманистичките, а останатите области се со помал процент на застапеност.

Лани докторска дисертација одбраниле 99 жени, што е 50.3 проценти од вкупниот број лица што докторирале во 2022 година.

-Најголемиот процент од вкупниот број лица што докторирале, односно 25.9 отсто, ја вршат својата професија во дејностите на здравствената и социјалната заштита, наведува ДЗС во објавата.

Звање магистер на науки и специјалист, пак, во 2022 година стекнале 1883 лица, од кои 1590 или 84.4 проценти се магистри и 293 или 15.6 проценти се специјалисти. Во споредба со 2021 година, наведува ДЗС, бројот на магистри и специјалисти е намален за 4.7 отсто.

Учеството на жените магистри во вкупниот број лица што стекнале научен степен магистер на науки, во 2022 година е 61.3 проценти.

Најголем број од магистерските трудови лани, 611 или 38.4 отсто, биле од областа на бизнисот, администрацијата и правото, 18.5 проценти се од областа на инженерството, производството и градежништвото. Потоа следуваат општествените науки со 15.1 отсто, а останатиот дел од областите се со помал процент на застапеност.

27.03.2023 - 13:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега