Џафери: Се ќе сториме за потребите на студентите
Претседателот на техничката влада Талат Џафери за време на денешната посета на УКЛО во Битола истакна дека со посетата на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола се уверил за условите за академска работа на професорите и студентите, а бил информиран и за потребите за натамошна поддршка од владините за образовните институции.
За време на средбите со ректорот Неделковски и професорите, разговаравме и за Колективните договори кои сепак не се во надлежност на Владата туку на Собранието, но и овие случувања ги следиме одблиску, предочи Џафери.
-Задоволен сум од организацијата и функционирањето на оваа образовна институција и ги согледав сите нејзини потреби и се ќе сториме за потребите на студентите, посочи Џафери во изјава за медиумите во овој град.
На новинарско прашање во врска со состојбите и барањата на академската заедница од универзитетите во државата за висината на платите и надоместоците, премиерот Џафери рече дека правото на протест, правото на штрајк е неприкосновено право, но, оти суштината нема да се постигне со методот на делување бидејќи тоа не зависи од волјата на Владата.
-Јас не сакам да се оградам како сегашен премиер, а претходен претседател на Собранието, но постапката и процедурата не треба да се под притисок бидејќи имаме соодветна пракса за спроведување со евентуално скратување на рокот за преговарање, а со цел да се дојде до конечната варијанта на договорот, затоа што Колективниот договор е над законот и може да регулира поинакви работи, појасни Џафери.
За време на посетата на Битола, премиерот Талат Џафери беше придружуван од министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и заедно ги посетија НУ Завод и Музеј каде се наоѓа Спомен собата на Кемал Ататурк и НУ Музеј на Албанската азбука каде се наоѓа Спомен собата на основачите на албанската aзбука.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа