Два месеци се ковал планот за бегство од „Идризово” преку тунел кој бил копан под стари објекти
Затворениците осудени на високи казни со месеци го подготвувале планот за бегството од „Идризово“. Управата за извршување на санкциите информираше дека поради основано сомнение дека од страна на осудени лица се превземаат недозволени активности со кои би се создале услови за организирано бегство од установата, во изминатиот период од два месеци го подигнале степенот на безбедност со цел да дојдат до подетални информации и да се провери нивната веродостојност.
Како резултат на овие активности, велат од Управата, во кругот на Затвореното одделение е детектирано потенцијалното место од каде би можело осудените лица да ги реализираат ваквите планови и таму било дополнително зајакнато обезбедувањето.
„Од причина што се работи за стари објекти од тврда градба кои се вон употреба, по спроведена постапка за јавна набавка избрана е фирма со соодветна дејност за рушење на наведените објекти. Откако е постигната согласност со Министерството за внатрешни
работи со свои сили да обезбеди асистенција при реализацијата, денес на ден 21.03.2023 година во 07.00 часот е пристапено кон рушење на детектираните објекти. Воедно се направени и повеќе ископи во кругот на одделението при што е пронајден подземен недовршен тунел во должина од околу 50-тина метри на потегот од објектите кои се рушат кон оградниот ѕид“, велат од Управата за извршување на санкциите.
По завршените планирани активности и реализираното рушење, во попладневните часови се на терен надлежните органи кои треба да ги истражат сите околности со цел да се утврдат сите факти до целосно расчистување на случајот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа