Драма во Америка: десетгодишно момче убило свој врсник со пиштолот на својот татко
Десетгодишно момче од Калифорнија е уапсено под сомнение дека со пиштолот на својот татко убил уште едно дете, соопштија денеска локалните власти.
Полицијата на округот Сакраменто одговори на извештајот за пукање во предградието Сакраменто Футхил Фармс, јавува АП.
По пристигнувањето на местото на настанот, на паркингот пронашле 10-годишно момче што крвави од главата и вратот, но и покрај првата помош, кај момчето подоцна била констатирана смрт во болница, објавија од канцеларијата на шерифот на социјалните мрежи.
Момчето е идентификувано како Кит Фриерсон, а тој наводно го напуштил станот непосредно пред пукањето за да го вози својот велосипед, изјави неговиот братучед за локалната ТВ-станица KCRA.
Според соопштението од канцеларијата на шерифот, друго 10-годишно момче отишло до камионот на својот татко за да му земе цигари и во кабината нашол наполнет пиштол, го зел и се пофалил дека татко му има пиштол.
„Потоа ја застрелал жртвата и побегнал во блискиот стан“, се вели во соопштението на шерифот.
10-годишниот стрелец е уапсен под сомнение за убиство, а татко му е уапсен поради сомнение за повеќе кривични дела, вклучително и носење украдено, наполнето огнено оружје во возило, загрозување деца и слично.
Властите велат дека момчето се обидело да го скрие и пиштолот, кој го фрлил во канта за отпадоци, каде што подоцна бил пронајден од полицијата.
Таткото е во истражен затвор, а кауцијата е одредена од 500.000 долари.
Станува збор за поранешен осуденик кому „законски му е забрането да поседува огнено оружје“, соопштуваат надлежните истакнувајќи дека оружјето користено во злосторството било украдено во 2017 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа