Димитриевски: Ахмети не смее да си дозволи да си игра со соживотот

Кандидатот за претседател на Македонија од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, се обрати пред граѓаните на Струмица.

„Се собравме тука за да им кажеме на сите оние кои триесет години во круг не вртат дека гладни и желни за власт, заборавија на народот и едноставно ги интересираат неколку нешта. Тоа е личниот профит, стабилност за нивниот дом и да го згазат граѓанинот во целост. Ние сме сведоци на такви политики, доаѓаат како волци во јагнешка кожа, се претставуваат како наивни и спонтани, а на крајот го покажуваат своето лице. А тоа Струмица најдобро го знае“, рече Димитриевски.

Тој додаде дека во духот на позитивната кампања што ја води сака не да зборува за нив, туку за реалноста.

„Ние живееме во држава којашто тие сакаат да ја трансфомираат во приватна сопственост, а ние сакаме да ја одбраниме со и за граѓаните“.

Димитриевски потенцира дека оние што повеќе од 20 години се постојано во власта, со едните или со другите ја запоседнаа власта, и законодавната и извршната, а сега и судската.

„И доживеавме вчера во главниот град, во Скопје да ни веат бајраци на туѓи држави и да скандират УЧК, УЧК. А при тоа целата наша политичка елита и од позиција и од опозиција да молчи и да не смее глас да крене. Што ти била цената на власта и на позицијата да се направи калкулација и математика за да се трча по гласови во втор круг, ама затоа главата ќе се ведне и кичмата ќе се свиткува. Е па Максим тоа нема да го прави!“, рече тој и порача: „Треба да му е јасно на господин Ахмети дека си поигрува, со таквите зборови раѓа голема фрустрација кај македонскиот народ. Ние сме можеби трпелив народ, но имаме достоинство.Тоа што нашите самопрогласени политички лидери, немаат ниту доблест ниту храброст макар да му кажат дека во една држава што ја градиме заедно нештата не смеат да одат така. Особено не од партијата којашто сака наводно заедно со мојот противкандидат Бујар Османи да не внесе на голема врата во Европа. Ахмети не смее да си дозволи да си игра со соживотот. Може да го рани Мицковски со бисквити, а тој да голта и да жвака, но има во оваа држава достоинствени луѓе, патриоти, кои не можат да го гледат тоа“.

Димитриевски рече дека сакаат да градат убава и позитивна историја, за македонскиот народ и за сите заедници коишто живеат тука.

„Ние сакаме да ја гледаме Македонија каде и е местото во Евроатланскиот сојуз, но при тоа почитувајќи го нашето достоинство, интегритет, македонскиот јазик, култура, самобитност, сопствената историја и се она што е македонско. Затоа што оваа Република Македонија ја изградиле нашите претци, Македонците. И верувајте ми ќе ја одбраниме и со зборови, но ако е потребно и со дела“, рече Димитриевски.

Потенцира дека треба да имаат на ум дека во Македонија е родена нова политичка сила, Движењето ЗНАМ – За наша Македонија која е од народот со народот и ќе работи за народот. Караванот на Димитриевски денеска беше и Радовиш, Василево, Босилово, Ново село.

22.04.2024 - 21:20

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега