ДИК предлага на овие избори да се гласа и со старите важечки документи

 


Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски денеска изјави дека ДИК предлага во Изборниот законик да се внесе преодна одредба со која ќе се овозможи на овие избори да се гласа и со старите важечки документи.

– Како ДИК до Собранието дадовме еден предлог до Собранието – во Изборниот законик да се направи измена во која ќе има преодна одредба само за овие избори, да важат и старите важечки документи за  да можат да гласаат сите граѓани. Дали тоа ќе се усвои или не, зависи од Собранието, истакна Даштевски.

Што се однесува до лицата кои навршуваат 18 години, Даштевски рече дека тие ќе можат да се пријават за да бидат внесени во Избирачкиот список.

-За полнолетните е изнајдено решение и точно се знае според закон до кога ќе можат да се запишуваат. Тоа што е во законот, тоа е, рече тој.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска порача дека ако не се смени законската одредба која што го регулира начинот на гласање и на идентификација, ќе се крши правото на глас.

-Овие 100 илјади луѓе се резиденти и живеат на територија на Македонија. Сите се со право на глас и се чисти македонски граѓани, а немаат важечка лична карта, но со активен пасош со старото уставно име. Државата не може да им издаде соодветна документација бидејќи огромна е бројката. МВР веќе изготви информација до Влада и се надевам дека ќе се вразумат и ќе предложат до Собранието, самите да го решат проблемот. Имаме информација дека ДИК донела одлука и дала предлог во насока да се реши ова прашање. Не знаевме до пред некој ден за оваа бројка кои го губат правото на глас, а имаат активна патна исправа која нема да важи после 12 февруари 2024, рече техничкиот министер во емисијата на „Слободен печат“, за проблемот со кој над 100.000 граѓани во Република Македонија може да им биде одземено основното право на глас на претстојните парламентарни и претседателски избори.

 

Со денешната свечена изјава на Абдуш Демири се комплетира седумчлениот состав на Државната изборна комисија, откако повеќе месеци беше испразнето едно место по заминувањето на  Кренар Лога кој стана министер за правда. Новиот член на ДИК беше предлог на албанската опозициска коалиција.

04.03.2024 - 14:52

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега