Детското одделение во Општата болница во Кочани преполно со пациенти

 

Детското одделение во Општата болница во Кочани регистрира зголемен број пациенти со заболувања на горните и долните дишни патишта, кои се сместени на болничко лекување и целосно го исполнуваат неговиот капацитет.

Дневно се прават и по триесетина прегледи кај деца и помлади пациенти кои имаат зголемена телесна температура, респираторни потешкотии и воспалителни процеси, при што потешките случаи се задржуваат на болничко лекување. Најсериозни здравствени проблеми се забележани кај децата под тригодишна возраст чиј имунолошки систем е послаб, односно недоволно развиен.

– Во моментот на хоспитален третман во нашето одделение имаме 20 деца и капацитетот ни е пополнет. Се трудиме оние кои се со полесни симптоми да ги пуштиме на дневна болница за да можеме да ги згрижиме новите пациенти кои ни доаѓаат. Децата се со висока телесна температура што тешко се намалува во првите денови по примањето на терапијата, се работи за грип што оваа година ни дојде порано од очекуваното. Откако ќе се забележат првите симптоми, потребна е добра хидрација кај децата, редовно да се внесуваат електролитни раствори. Во првите два дена потребна е домашна нега, а температурата продолжува неопходно е да се направи консултација и преглед кај матичен лекар, истакна Адријана Лазарова, специјалист по болничка педијатрија во Општата болница во Кочани.

Со почетокот на училишниот распуст се очекува извесно намалување на бројот на пациенти со вирусни респираторни инфекции, аденовируси и грип меѓу учениците, но и понатаму останува можноста за заболување кај децата, пред сè од најмалите возрасни групи во градинките.

04.01.2023 - 10:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега