Детали за двојното убиство: Влегле во униформи, викале да не мрдаат, па им пукале во глава
Околу пет лица облечени во униформи со фантомки на глава влегле во кафуле во Старата скопска чаршија, ги таргетирале сега двајцата убиени и им пукале во глава. Вака очевидци тврдат дека се случил грозоморниот настан вечерва во Скопје.
Според неофицијалните информации, кога вооружената група влегла, викала никој да не мрдне, посочувајќи дека станува збор за рација. Во моментот на пукањето, немало многу луѓе во барот.
Освен убиени, има и неколку повредени лица. Двајцата убиени биле во одделен дел на кафулето односно во горниот дел на објектот, во засебна канцеларија, каде што вооружената група ги затекнала. Овие неофицијални информации засега не можат да се потврдат, бидејќи од МВР велат дека се работи на настанот и со повеќе детали ќе излезат подоцна.
Околностите под кој се случил настанот укажуваат дека станува збор за однапред направено сценарио, со точно одредени жртви. Еден од нив е и наркобос од Грчец, Јетон Кривањева викан Жила. Неговото име во јавноста се поврзуваше и со други инциденти во минатото.
МВР објави првични детали за двојното убиство, пришто информираа за двајца убиени (Ј.К.) и (Е.И.) и едно повредено лице (А.Т.), кое е пренесено во болница за укажување лекарска помош.
Местото е опколено со полиција, пристапот до кафулето во Чаршија е целосно затворен уште на 50 метри пред влезот. Повеќе детали се очекуваат по завршувањето на увидот.
Неофицијално, освен двајцата починати, вкупно се повредени и седум други лица. Автомобилот на тие што пукале е оставена и запалена близу до Смиљковско езеро. Непотврдено, убијците веројатно се веќе заминати кон Косово.
Дополнително, согласно неофицијални информации згаснал уште еден живот од седуммината повредени кои биле транспортирани во болница околу 20.11 часот. Засега, неговото име се уште не е познато.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа