Деспотовски: Очекуваме до 15 милиони евра годишен приход од капацитетите на „Јагео"

 

Меѓу 12 и 15 милиони евра редовни годишни приходи очекуваме да се слеваат во Буџетот од тајванската „Јагео", откако нејзините фабрики ќе профункционираат со полн капацитет. Тоа, во моментов, е четвртина од вкупните приходи што Буџетот ги остварува од сите компании во зоните, вели за МИА директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Јован Деспотовски кој вчера во Тајпеј го потпиша инвестицискиот Договор со оваа компанија, вреден 205 милиони евра.

Како што нагласува Деспотовски, „Јагео" влегува во земјава со 90 - 95 проценти сосема нова, најсовремена опрема, а платите се очекува да бидат значително над просечните во Северна Македонија.

-Со Договорот што го потпишавме, заокруживме еден циклус на работење од 2,5 години, чија цел беше максимално да го искористиме потенцијалот на постојните корисници  во рамки на зоните, од аспект на зголемување на капацитетите и воведување нови технологии, зголемување на бројот на работни места и раст на плати. Дополнително, уште поважно би рекол, покажавме дека државата може и поинаку и подобро, поинаку во смисла дека можеме да носиме  високо-технолошки компании кои имаат сериозна додадена вредност и кои реално носат нови технологии, а подобро - компании кои плаќаат подобро, но и го подигнуваат квалитетот. Покажавме дека знаеме и можеме да донесеме глобални играчи, со повеќе стотици милиони во инвестициски проекти, истакнува Деспотовски.

Тој најавува дека од средината на годината, ТИРЗ отвора ново поглавје.

- Продолжуваме понатаму со сосема ново поглавје на развивање на зоните до два столба. Првиот е поттикнување сериозен инвестициски циклус од домашните средни и големи компании. За таа цел кон крајот на мај ќе ја објавивме првата инвестиција од голема македонска компанија, договорот е веќе испратен на мислење кај институциите. Максимално ќе ги олесниме постапките за влез на домашните компании. Очекувам дека ќе поттикнеме сериозен инвестициски циклус во домашната економија со сериозно реструктуирање, потенцира Деспотовски.

Вториот сегмент, додава, ќе се фокусира на младите и на новите технологии, односно на се што подразбира забрзан развој на земјата.

Директорот на ТИРЗ денеска и утре со македонската делегација која го придружува во Тајван, ќе посети две фабрики на „Јагео" во градот Каошунг каде директно ќе може да се запознае со производниот процес. 

19.04.2023 - 10:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега