Даути поднесе оставка
Пратеничката Илире Даути од Алијанса за Албанците на Зијадин Села, која е дел од „Европскиот фронт“ на која и беше изгласана интерпелација, денеска од собраниската говорница додека траеше 30. пленарна седница, побара од претседателот на Собранието да и дозволи во времетраење од 15 минути да ја образложи оставката од функцијата претседател на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади. На ова, претседателот на Собранието Африм Гаши одговори дека сега се утврдува дневниот ред и дека Даути ќе може да ја образложи својата оставка на пленарната седница закажана за 21 јануари. По ова, во Собранието е дадена пауза.
- Сега го утврдуваме дневниот ред и на следната седница која е закажана за 21 јануари ќе имате време да дадете образложение. Ако сакате да го кршите Деловникот, во ред. Јас ви укажувам дека е спротивно со Деловникот, рече Гаши.
Даути настојуваше да и се дадат 15 минути за да ја образложи оставката.
- Не можеш да ме држиш на сила господине Африм Гаши. Научете да го почитувате Деловникот, законите и постапките. Бездруго денеска ќе се слушне мојот глас и моето образложување за лошиот акт кој Вие го направиле. Срам да ви е! Баравте мое разрешување, а тоа разрешување само што настана. Вие на сила не можете тука да ме држите. Затоа сакам да го искористам моето право и да ја образложам. Го барам потребното време од 15 минути за да ја образложам мојата оставка, рече Даути.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа