Д-р Филипче: Ќе отворам канцеларии во секоја поголема општина и како пратеник ќе се сретнувам редовно со граѓаните


Институцијата пратеник мора да им биде приближена на граѓаните и во таа насока планирам да ја редефинирам оваа функција. 
 
Ова го изјави д-р Венко Филипче, кој е носител на листата на кандидати за пратеници на СДСМ и Коалицијата за европска иднина, во телевизиско интервју.  
 
„Мојот план е перцепцијата и практично институцијата пратеник да ја редефинирам, да отворам канцеларии во секоја од поголемите општини во коишто ќе бидам еднаш месечно на средби со граѓаните. Има луѓе коишто не знаат како да дојдат до некоја институција или едноставно затворени им се вратите. Мора да ги приближиме механизмите на служба за граѓаните, блиску до нив, за тие да дадат соодветен резултат“, вели Филипче. 
 
Како што наведува, тој и сега ги знае проблемите со коишто се соочуваат граѓаните, а за дел од нив може и многу лесно да се најде решение доколку има кој да ги слушне.
 
„Има многу граѓани кои приоѓаат кога сум јас со мојот тим на терен, приоѓаат граѓани не само партиски членови. Ние сме и на пазар и на улица, по дуќани и така натаму. Луѓето доаѓаат, разговараме, отворам јас лично многу теми коишто сметам да ги засегаат знаејќи некои работи во одредени општини, во одредени региони и едноставно се трудам да им помагам“, истакна Филипче.
19.04.2024 - 09:03

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега