Цените на основните прехранбени производи остануваат замрзнати до 31 јануари
Владата на Република Северна Македонија, донесе Одлука за изменување на Одлуката за посебни услови за трговија на одделни стоки, определување на највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало, како и обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед.
Според денешната владина одлука, донесена на предлог на Министерството за економија, ограничувањето на цените на повеќе производи во трговијата на мало, кое што беше со важност до 31 декември, се продолжува до 31 јануари.
Станува збор за белиот ориз, пченично брашно – тип 400 и 500, бел и полубел леб и одделни пекарски производи, одредени видови бисквити, наполитанки, тестенини, месо и производи од месо, јогурт и млечни производи и свежи јајца од кокошка.
Денешната владина одлука, велат, е во интерес на потрошувачите, поради претстојните новогодишни и божиќни празници.
Владата, на предлог на Министерството за економија, донесе и Одлука за изменување на Одлуката за определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало.
Со оваа владина одлука, до 31 јануари, наместо до 31 декември, остануваат замрзнати и претходно утврдените цени на минералната негазирана и газирана вода, одредени видови негазирани и газирани пијалоци и пиво – исто така, во интерес на потрошувачите, поради претстојните новогодишни и божиќни празници.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа