Божествена Литургија на врвот Крчин
Возобновената традиција на служење на Света Евхаристија на планинскиот врв Голем Крчин, се реализира и годинава. Голем број верници, планинари, алпинисти, спортисти учествуваа во искачувањето на врвот, на надморска височина од 2.341 метри и беа дел од светата литургија на Бигорската свештена Обител.
-Веќе деветта година по ред, откако со благослов на нашиот Старец, епископот г. Партениј, беше возобновена традицијата за служење на Света Евхаристија на планинскиот врв Голем Крчин, нашиот Тавор на Преображението, нашиот рид на радоста, дел од браќата монаси и сестрите монахињи зедоа подвиг на восходење и на молитвено учествување во Божествената служба, на која ѝ се приклучија и голем број духовни чеда на нашите манастири, информираа од Бигорски манастир.
Чекор по чекор, и оваа година, додаваат, владиката Партениј, кој е учител на љубовта и радоста, повторно ни го подари својот благослов да се радуваме на возвишението на Крчин, заедно со голем број љубители на висините, со срца полни надежи и копнежи.
На врвот Голем Крчин, во 2016 година, за првпат, по 80 години, беше отслужена Литургијата на местото каде што некогаш имало храм посветен на Преображението Господово, а денес стојат само остатоци од него.
Врвот Голем Крчин е највисокиот врв на планината Крчин и се извишува над селото Битуше. Планината се протега во продолжение на планината Дешат и е дел од поголемиот венец Шара - Кораб - Дешат - Крчин - Стогово - Караорман.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа